Македонската кантавторка Дина Јашари тргнува на турнеја низ просторот на поранешна Југославија со деби-албумот „Растенија без корен“, точно на неговата прва годишнина. Нејзините песни, автентичниот звук и органски прецизниот бенд во мај и јуни пристигнуваат во Словенија, Црна Гора, Србија и во Хрватска. Притоа, на 22 мај Дина ќе настапи во „Кино Шишка“ во Љубљана, еден од водечките центри за урбана култура во регионот, како дел од јубилејот на „Најтшифтс ивентс Љубљана“, организација што работи на промоција и размена на македонско-словенечката култура. Два дена подоцна, на 24 мај, ќе биде дел од програмата на „SOWL Weekender“ во Подгорица, нов регионален фестивал за музика и природа, чие прво издание е ова и на кој ќе настапи и култниот ну-џез состав „Кјото џез-масив“.
Централниот настап на турнејата ќе биде на 25 мај, во Белград, точно по една година откако беше објавен „Растенија без корен“. На платото пред Музејот на Југославија, Дина ќе го отвори деветтото издание на манифестацијата „Летоу музеЈУ“, заедно со Љубичице (Србија) и Немечек (Хрватска) – тројцата добитници на наградата „Милан Младеновиќ.
Во јуни, турнејата ќе продолжи на островот Крк (Хрватска), каде што Дина ќе биде дел од изведувачите на „SURF Festival“, јадрански фестивал што ќе го има своето прво издание, со интернационална програма и со атмосфера далеку од масовните фестивали.
„Растенија без корен“ е деби-албум составен од девет песни, интимен и жанровски музички дневник на Дина Јашари. Снимен на различни локации во текот на три години, со различни соработници, албумот се најде меѓу топ-петте регионални албуми за 2025 година на регионалниот музички портал „Рокомотива“. Уште пред тоа, Дина ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ за 2022 со песната „Дома“, регионално признание во чест на легендарниот фронтмен на „Екатарина Велика“. Албумот постои како винил издание и е достапен на сите дигитални платформи.












