На сцената на една од најпрестижните концертни сали во светот, во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство. Вака се опишува концертот на Македонската филхармонија одржан синоќа во „Златната сала“ на „Музикферајн“ на официјалниот фејсбук-профил на институцијата.
– Преполна сала. Стоечки овации. Виена на нозе и со бескрајно долг аплауз ја поздрави беспрекорната музичка изведба на Македонската филхармонија. Музичарите од нашиот оркестар, заедно со фантастичните Ана и Игор Дурловски, го освоија срцето на виенската публика, која долго и со восхит аплаудираше посебно воодушевена од делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на композиторот Сони Петровски, се вели во објавата.
Се истакнува и дека преку концертот на Филхармонијата во „Златната сала” на „Музикферајн“ се слушна душата на една мала земја со големо срце.

„Македонија блесна таму каде што музиката е религија, а уметноста начин на живот“.
– Со овој концерт уште еднаш потврдивме дека вистински амбасадори на нашата земја не се политичарите, туку уметниците, оние што преку музиката ја носат сончевата светлина на нашата земја во целиот свет, се додава во фејсбук-објавата за концертот.
Како што е познато, Македонската филхармонија гостуваше во Виена – во „Музикферајн“, матичната сцена на Виенска филхармонија каде се одржува и еден од најпознатите концерти во светот – Новогодишниот на 1 јануари.
Оркестарот на Македонската филхармонија под диригенство на Јерухам Шаровски се претстави со спој на македонската традиција и на европската класика, а беа изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски („Тешкото“), Бете Илин („Македонска парафраза“ бр. 2), Сони Петровски (Пет македонски традиционални песни за симфониски оркестар), како и Синфонија бр. 8 од Антонин Дворжак. Како солисти настапија Ана и Игор Дурловски.

– Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава, чија музичка култура и традиција ја претставуваме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот – изјави претходно директорот на Македонската филхармонија Мустафа Имери.
Настапот на Македонската филхармонија во Виена претставува заокружување на прославата на 80-годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно се одбележуваат и 30 години од воспоставување на дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.
Концертот се случува во рамки на програмата на Македонската филхармонија во делот на меѓународната соработка, со поддршка на Министерството за култура.












