На 28 октомври, Македонската филхармонија ќе гостува во Виена, на една од најпознатите концертни сцени во светот – „Музикферајн“, на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои Новогодишниот концерт, кој се одржува на 1 јануари. Во Виена, Филхармонијата ќе се претстави со спој на македонската традиција и на европската класика, ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски („Тешкото“), Бете Илин („Македонска парафраза“ бр. 2), Сони Петровски (Пет македонски традиционални песни за симфониски оркестар), како и Синфонија бр. 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски
Македонската филхармонија ќе ја отвори новата 2025/2026 сезона, насловена „#БезФилтер“, на 2 октомври, со почеток во 20:00 часот, со концертот „Класика.Рестарт“, на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантијаго Кањон Валенсија, а со оркестарот ќе диригира Јерухам Шаровски. На програмата ќе бидат изведени Б. Илин со „Македонска парафраза“, бр. 2, Е. Елгар со Концерт за виолончело и оркестар во е-мол, оп.85 и А. Дворжак со Симфонија бр. 8, оп. 88.
– Оваа сезона, 2025/2026, ја насловивме „#БезФилтер“, зашто сакавме да потенцираме дека не подлежи на вештачки разубавувања, дека станува збор за уметност без шминка, без технолошко разубавување, уметност во својот најавтентичен облик. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе тргне во новата сезона во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти, кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Македонската публика ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство – рече на денешната прес-конференција Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.
Како што додаде тој, на 28 октомври, Македонската филхармонија ќе гостува во Виена, на една од најпознатите концертни сцени во светот, во Златната сала на „Музикферајн“, матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт, кој се одржува на 1 јануари.
– Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и на европската класика, ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски („Тешкото“), Бете Илин („Македонска парафраза“ бр. 2), Сони Петровски (Пет македонски традиционални песни за симфониски оркестар), како и Синфонија бр. 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава, чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот – рече Имери.
Концертот во Виена се случува во рамките на програмата на Македонската филхармонија во делот на меѓународната соработка, во соработка со Министерството за култура. За идната година се планираат два концерта надвор од државата, во Диселдорф и во Истанбул.
Директорот на Македонската филхармонија најави и дека до крајот на сезоната ќе има интересни концерти со исклучителни странски солисти, но и со домашни уметници како кларинетистот Васко Дуковски, виолинистката Фросина Богдановска, виолончелистот Паскал Краповски, виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа. Роденденскиот концерт е на 27 ноември, насловен е „Звук што трае“, со врвниот ерменски виолинист Сергеј Хачатријан.
– Во рамките на сезоната ќе настапат и виолистот Александар Земцов, виолинистите Теди Папаврами, Ава Бахари, Шкељзен Доли, харфистката Анелин Ленеартс, пијанистите Ендру фон Ојен и Алим Беисембајев, како и еден од најдобрите виолинисти во моментов – фантастичниот Нинг Фенг од Кина. Зад пултот ќе застанат нашите стари пријатели – диригентите Емил Табаков и Конрад ван Алфен, а ќе настапат и Бар Авни, лауреатката на „Маестра“, Најден Тодоров, Тимоти Редмонд, Олси Кинами, нашите диригенти Сашо Татарчевски, Борјан Цанев и Бисера Чадловска – додаде Имери.
На прес-конференцијата се обратија и концерт-мајсторите Ана Кондратенко и Владимир Костов, кои се дел од Уметничкиот совет на Македонската филхармонија.
Како што посочи Ана Кондратенко за гостувањето во Виена, подготовките се веќе започнати.
– Во однос на новата сезона, пак, како Уметнички совет, нашиот избор на дела беше да бидат претставени сите жанрови и, покрај т.н. железен репертоар, да има и нови дела, кои ние, како оркестар, не сме ги исполниле. Сигурно ќе бидат претставени дела на Брамс, Чајковски, Бетовен – дела што се важни за нашиот оркестар – додаде Кондратенко.
– Имавме пријатна и возбудлива работа да ја оформиме концертната сезона 2025/2026. Се трудевме да има различни жанрови, меѓутоа се трудевме да има и премиерни дела, кои публиката досега ги нема чуено. Дела каде што се застапени хорови, потоа концерт на хармоника, композиции што го опфаќаат целиот симфониски оркестар… Програмата ќе биде многу богата, возбудлива и интересна, секој месец со различна содржина, со различни солисти, со различен инструментален состав на оркестарот. Првпат ќе биде изведено вокално-инструменталното дело на Карл Џенкинс, мисата за мир „Вооружен човек“, како и моќната и грандиозна Симфонија бр. 11 од Дмитри Шостакович. На програмата се и капитални дела, оркестарски дела како „Посветување на пролетта“ од Игор Стравински – рече Владимир Костов.
Освен симфониските, во рамките на програмата и оваа сезона ќе се одржуваат камерни концерти на малата сцена во Филхармонијата, но и симфониски, наменети за најмладата публика. (Н.И.Т.)
Фото: П. Стојановски