Оркестарот на Македонската филхармонија на 30 јуни (понеделник) ќе гостува во Солун, во заедничка изведба на сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф со Софиската филхармонија и со Државниот симфониски оркестар од Солун. Диригент ќе биде Михалис Иконому од Грција, а како солисти ќе настапат нашата сопранистка Ана Дурловски, бугарскиот баритон Иво Јорданов и контратенорот Николас Спанос од Грција.

Изведбата на грандиозното дело до Карл Орф ќе се одржи во концертната сала во Солун, со почеток во 21:00 часот.

Инаку, ова е втора изведба на „Кармина Бурана“ по премиерата во Софија во февруари, која беше проследена со овации од публиката.

– Преполна сала, стоечки овации и долги аплаузи! Ова беше епилогот по моќната изведба на епската „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која се одржа во големата сала на Националниот дворец на културата во Софија. Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот оркестар на Солун, како и Софискиот филхармониски хор и солистите: нашата ѕвезда Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов, брилираа на сцената, од каде што зрачеа силни, креативни вибрации – објавија од Македонската филхармонија на својот фејсбук-профил.

Главен „виновник“ за овој спектакуларен концерт, посочија, е маестралниот диригент Најден Тодоров, кој не ја криел неизмерната среќа „што, конечно, се реализира идејата за уметничко сплотување на три оркестри во едно тело“.

„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музичко-сценски дела, кое има статус на музички бестселер на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на сите генерации. Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија „Цодеџ Буранус“. Премиерата во 1937 година, во Германија, предизвикала сензација и го означила почетокот на светскиот триумф на оваа кантата.

„Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата што ги носи животот.

 

ИЗДВОЕНИ