По концертот во Гевгелија, оркестарот на Македонската филхармонија со „Бајка“, на 7 октомври со почеток во 20:00 часот, ќе гостува и во Центарот за култура во Битола. Како солистка на овој концерт ќе настапи виолинистката Ана Кондратенко, концерт-мајстор во Филхармонијата. На концертот во Гевгелија, таа воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!” („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.
Кондратенко е родена во Новосибирск, Русија, каде што почнала да свири виолина на четиригодишна возраст. Како солист и концерт-мајстор, настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонијата (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и во Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др. Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и „Ерденко“ и „Мравински“ во Русија и „Ј. Ниман“ во Германија. Пред две години, Кондратенко го основаше квартетот „Филхармонија“, составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали. Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје.