Оркестарот на Македонската филхармонија на 28 октомври ќе одржи концерт во „Златната сала“ на една од најзначајните светски концертни сцени „Музикферајн“ во Виена. „Музикферајн“ е матична сцена на познатата Виенска филхармонија на која ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт, кој се одржува на 1 јануари.

Настапот на Македонската филхармонија во Виена претставува заокружување на прославата на 80-годишнината од формирањето на оркестарот, а воедно ќе се одбележат и 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Австрија и Македонија.
На концертот во Виена, како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр.2“ од Бете Илин и Симфонијата бр.8 од Антонин Дворжак. Програмата претставува спој на македонската музичка традиција и фоклор и на европската класика.

Концертната сала „Музикферајн“, лоцирана во срцето на Виена, датира од 1870 година и е дело на данскиот архитект Теофил Хансен, чиј дизајн е инспириран од грчката и од римската архитектура. Централно место зазема „Златната сала“ со капацитет од 2.000 седишта, која е позната по својата неверојатна убавина и исклучителна акустика. „Музикферајн“ не е само симбол на Виена и нејзиното богато музичко наследство, туку и центар на светската класична музичка култура. На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле најзначајните светски солисти и диригенти (Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Артур Рубинштајн, Владимир Хоровиц, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма…), но, и композитори како Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус кои токму на оваа сцена ги воделе првите изведби на многу од своите музички ремек-дела.












