Македонската диригентка Елена Митревска од 1 јануари ќе биде уметничка директорка на двата хора на Данското радио.
– Воодушевени сме што започнуваме нова, блиска соработка со Елена Митревска како уметничка директорка. Со нејзините силен уметнички профил, креативна визија и меѓународна кариера, таа е идеален избор за улогата, а дополнителен бонус е што веќе има доверлив и позитивен однос со нашите пејачи – изјави Ким Бор, директорка на Државниот сервис.
Како што посочи Митревска, по пет години во Скандинавија, има огромна почит кон единствената хорска традиција во регионот и возбудена е што ќе ги истражува богатите музички корени на хоровите на Данското Радио.
– Двата ансамбла се меѓународно познати по препознатливиот звук, вкоренет во силната традиција и ценетото данско наследство на песни, кое ќе продолжиме да го почитуваме. Од витално значење е да продолжиме да гледаме напред. Со работа со денешните композитори, можеме да помогнеме во обликувањето на хорската музика на утрешнината и да ги инспирираме идните генерации – изјави македонската диргентка.
Елена Митревска има завршено студии по хорско и оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде што дипломира со почести. Таа е член на хорот „Арнолд Шенберг“ во Виена, седум сезони, при што работи на оперскиот и на концертниот репертоар со диригенти како што се Николаус Харнонкурт, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ретл, Рене Јакобс и Корнелиус Мајстер. Од 2012 година е асистент диригент и хор-мајстор во тој хор за концертите и за оперските продукции во Theater an der Wien. Во декември 2014 година ја доби наградата од Фондацијата „Ервин Ортнер“ за промовирање талентирани млади музичари во областа на хорското диригирање. Таа диригира со оркестри како што се камерниот оркестар „Jeunesses Musicales Macedonia“, Виенскиот камерен оркестар, Македонската филхармонија, филхармонијата „Овиедо“ и оркестарот на Операта во Малме. Во ноември 2022 беше поканета како диригент во продукцијата на „Дон Џовани“ во Операта во Овиедо. Беше хор-мајстор во неа од 2016 до 2020 година, а гостин хор-мајстор во Националната опера Лион, Франција, во 2021 година. Од 2020 година ја врши таа функција во Операта во Малме, каде што има претстојни продукции, вклучувајќи ја и улогата на диригент за операта „Кармен“ од Жорж Бизе, во сезоната 2025/2026. Редовно ја покануваат да работи на проекти со хорот на Данското национално радио и Данскиот национален вокален ансамбл.