На популарната новосадска музичарка ѝ се исполни желбата!
Во Скопје има песна, има добри вкусни јадења, има добри луѓе кои умеат да ме расположат, голем град а, сè е на дофат на раката. Особено кога нешто се слави, а јас во Скопје го славам мојот роденден, токму онака како што треба, крај Вардарот. Првата славеничка песна со која на сите им се заблагодарив, логично беше добро познатата, мојата омилена „Јовано, Јованке, крај Вардарот седиш, сè нагоре гледаш…“
Се сложувате со тоа дека ништо не е случајно во животот. Па и ова што популарната новосадска музичарка, Невена Буча, нагалено Нена, од новосадскиот бенд „Фрајле“, својот роденден (бројката останува нејзина интимна тајна) помпезно го прослави вчеравечер на концертот во Скопје (организиран од “Прагма-продукција“), во Македонска филхармонија, и тоа пред сè со македонски песни „Јовано, Јованке“ и „Чукни во дрво, чукни трипати“.
„Пукаше“ од грст весели песни, од многу желби за здравје и за безгрижен живот, со одличното расположение, со македонско црвено вино, со роденденска овошна торта (подарок од редакцијата на весникот ВЕЧЕР), и неброено многу бакнежи како од публиката, која ја исполни Филхармонија до последното место, така и од двете останати членки на „Фрајле“, Наташа и Јелена.

– Не постои посреќна од мене, оваа вечер. Роденденот го славам во Скопје, тука, на десетина чекори од Вардарот, па логично беше првата славеничка песна со која на сите им се заблагодарив да биде добро познатата, мојата омилена македонска, „Јовано, Јованке, крај Вардарот седиш, сè нагоре гледаш…“ И онаа другата, „Чукни во дрво“ од репертоарот на „Леб и сол“, која им ја посветив на сите оние што и мене ми го посветија вниманието, весело објаснува распеаната Нена, за весникот ВЕЧЕР и за порталот vecer.press.
Кога ги испеа на сцената заедно со публиката, се знаеше каква може да биде реакцијата. Не може да се опише со зборови, само со присуство на самото место, да се доживее. Нена нагласи дека насекаде каде што настапуваат со „Фрајле“, и во Америка, Канада, Скандинавија, Германија, Англија… ја пеат „Јовано, Јованке“, со што преку песната раскажуваат за Македонија и за македонскиот народ, кој ѝ стана многу близок, и по менталитет и по начинот на кој функционира.
Инаку, Невена Буча е врвен уметник во музиката. Таа, освен што пее, исто така и пишува и продуцира песни. Се занимава и со фотографијата. Својот живот го посвети токму на тоа: со емоции пренесени преку гласот да допре до срцата на слушателите, кои тоа го препознаваат, па секогаш ѝ враќаат со љубов. Во 2022 година, со причина беше одбрана за „Жена лидер на Балканот“ во силната конкуренција на жените од бизнисот, политиката, естрадата, глумата, медиумите, спортот. Титулата ја доби и поради тоа што со сестра си Јелена се основачи на Едукативен центар, во кој на специфичен начин ги учат луѓето како да се ослободат од тремата, од треперењето на гласот, од пелтечењето, особено кога имаат јавни настапи. Една година пред тоа, Невена започна да работи на телевизиската емисија „Да заборуваме за тоа“ („Причајмо о томе“), во која таа, како водителка, на разбирлив начин со своите одбрани гости зборуваше на темите околу менталното здравје на луѓето, менталната хигиена, честопати многу поважно од физичкото здравје.
Нена со родителите!
– Ние самите не сме свесни што значи да ја направиш за себе таа таканаречена „ментална хигиена“. Доколку со сопствена автосугестија се избориш со црните мисли, доколку постојано секој ден само за себе си велиш: „Јас не сум болен, јас сум среќен задоволен човек, пред мене е животот, се смеам зашто постојам и дишам на оваа Планета, а ги имам со мене моите најсакани (без разлика дали се можеби веќе на оној свет). Мене ме исполнуваат моите сакани песни, сакани секојдневни работи….“, вие навистина тоа и ќе почнете да го имате, ќе бидете прочистени, црните мисли ќе заминат, автосугестијата ќе ви го прочисти мозокот. Обидете се, лесно е, а помага милион проценти. Само треба да сте многу упорни, раскажува Нена, позната, впрочем, и како врвен тренер за животни вештини“. Треба да ѝ веруваме бидејќи нејзиниот татко, на времето, со оваа животна филозофија го победи ракот!
Сепак, не е ниту време ниту простор за таквите теми. Време е за нејзиниот роденден, а Нена е духовита и комуникативна личност. Од нејзината професионална работилница излезе и кабарето „Како станав фрајла“. Во превод на македонски, тоа би било нешто како некоја разгалена „прчла“. Па, ете, таа вечер во Скопје, нели не случајно се погоди, Нена да го слави роденденот. Разгалено, зошто да не?! Во градот кој, како што ни кажа, по Нови Сад, најмногу го сака од многу причини.
– Во Скопје има песна, има добри вкусни јадења, има добри луѓе кои умеат да ме расположат, голем град а, сè е на дофат на раката. Особено кога нешто се слави, а јас во Скопје го славам мојот роденден, токму онака како што треба, крај Вардарот. Сè нагоре гледам, во ѕвездите, кои ми ја исполнија и таа желба, роденденска, за роденденот да сум во Скопје, ни раскажа Нена со големо искрено задоволство кое ѝ се читаше од лицето. (текст и фото:Дуле МИЌИЌ)












