Оркестарот на Македонската филхармонија, овој четврток, со почеток во 20 часот, премиерно ќе го изведе вокално-инструменталното дело „Вооружениот човек“ (миса за мир), од британскиот композитор Карл Џенкинс. Диригент е Сашо Татарчевски, настапува и хорот „Про Aрс“, а како солисти ќе ги чуеме Мартина Георгиевска, Ана Ценевска Мучева, Емили Христоска, Исабела Димовска, Дејан Симоски, Мартин Блажевски и Месут Куртис.

„Вооружениот човек: Миса за мир“ на Карл Џенкинс ја надминува традиционалната католичка миса, комбинирајќи духовност, историја и универзална порака за мир. Напишана по повод Милениумот и преселбата на Кралската оружарница од Лондон во Лидс, делото им е посветено на жртвите од косовскиот конфликт и симболично го третира „највоениот и најразорен век во човечката историја“.

Мисата е нарачана од Музејот на Кралската оружарница и претставува антивоена рефлексија која ја користи класичната католичка миса како рамка, но ја надополнува со текстови и со мотиви од различни култури, религии и историски извори.

Либретото вклучува традиционални латински текстови (Kyrie, Sanctus, Agnus Dei, Benedictus), муслимански повик на молитва (Adhan), библиски текстови (Псалмите и Откровението), Махабхарата, како и стихови од Радјард Киплинг, Алфред Лорд Тенисон и Санкичи Тоге. Секој елемент е внимателно избран за да ја илустрира универзалната димензија на страдањето, надежта и на човечката солидарност. Мисата го следи развојот на војната: од првата закана, преку ужасот и страдањето, до моменти на тишина, контемплација и крајната порака за мир.

ИЗДВОЕНИ