Публиката и обожавателите ја споредуваат со легендарната Васка Илиева. Тоа е згодната Кајла од Австралија, која неодамна наполни само 17 години и моќно ја пее песната „Личен Илија“, за која сними спот облечена во македонската народна носија. Љубовта кон македонската песна и кон сè што е македонско, уште како дете, ѝ е пренесена од нејзината баба Стојне.
Пејачката Кајла Коминовска или поскратено, само Кајла, е најпопуларна македонска пејачка во далечната Австралија. За тоа сведочат и сите нејзини настапи. Публиката и обожавателите ја споредуваат, според бојата на гласот, со легендарната Васка Илиева. Згодната Кајла, која неодамна наполни само 17 години, ја пее песната „Личен Илија“, а кога ќе „загрми“ со „Македонка мајка ме родила“, носталгијата кај иселениците предизвикува очи полни солзи. Песната „Личен Илија“ е посветена на македонското село Сирула, родното место на нејзините сакани баба и дедо. За оваа песна Кајла има снимено и спот, а се снимаше во манастирот „Свети Прохор Пчински“.
Во спотот, Кајла е облечена во традиционална македонска носија, која ја обожава. Љубовта кон македонската песна и кон сè што е македонско, уште како дете, на Кајла ѝ е пренесена од нејзината баба Стојне. Така, преку македонската песна и македонската жичка, Кајла не ги заборава корените. Од мали нозе е и игроорка во КУД „Никола Карев“ од Мелбурн. Македонските народни песни ги пее со полно срце и тоа секогаш во живо.
А, токму така ги испеа и пред некоја вечер, на одличниот патриотски концерт на популарните браќа Влатко и Златко Миладиноски, кој се одржа во Австралија. Кајла настапи со нив, а со нив беше и нивниот братучед Дамјан Стојаноски, синот на легендарниот пејач Војо Стојаноски. Сите тие направија вистински бум со патриотските песни, а за Кајла, која ја сака публиката во Австралија, можеме да кажеме дека остави најсилен впечаток. На сцената беше облечена не само во носијата, туку и ултра модерно: со мини здолниште, каде што до израз ѝ дојдоа убавите нозе.
Целата своја македонска убавина Кајла ја истакна на едно место, на сцената пред воодушевената публика, која не се штедеше гласно да коментира: „Убава си како нашата Македонија“,„И тие твои прекрасни очи се како оние пелистерски“, „Многу пријатно ни ги разбрануваш чувствата како бистри води охридски“, „Душо наша, со тебе преку песната во мислите на три, четири часа слетавме во Македонија“…
Концертот за македонските иселеници во Австралија беше исто толку многу успешен како и оние во Македонија, во Скопје, во МОБ и во Охрид, во Античкиот театар, кога Влатко и Златко направија исклучителен настан. Сега се подготвува и најнов таков мегаконцерт но, овој пат „залакот“ е пообемен и похрабар. Ќе се случи во арената „Борис Трајковски“ на 28 декември под слоганот „Најубаво звучи македонската песна“. Доколку термините се поклопат, можно е Кајла да ја видиме во арената, како ексклузивна гостинка на браќата Миладиноски.
Инаку, овој концертен настап во Мелбурн беше уникатна македонско-австралиска ноќ, целосно исполнета со македонски песни. На репертоарот се најдоа мелодии кои автентично, преку текстовите, раскажуваат за вечната љубов кон родната грутка Македонија. Автентично пренесена и преку моќниот глас на убавото 17-годишно македонско девојче Кајла. (Д. М.)












