– Паралелно, заедно со директорката на НУ Завод и музеј Прилеп, Мимоза Ристеска, уште минатата година направивме план за изработка на целосен проект за реконструкција на „Македониумот“. Во моментов се работи на сеопфатна документација за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс. Очекуваме проектот да биде завршен до средината на 2026 година – изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков
Над 40 илјади евра (2,5 милиони денари) се обезбедени од Владата за интервентна заштита на споменикот „Македониум“ во Крушево, проект чија реализација треба да започне во текот на оваа година. Ова го соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева, а и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денес, го посети споменикот во Крушево, кој прокапува со години.
– Денес, заедно со стручните екипи од НУ Завод и музеј Прилеп, надлежни за заштита во овој регион, сме во посета на споменикот „Македониум“ во Крушево. Сакам да ја информирам македонската јавност дека Министерството за култура и туризам, заедно со стручните екипи од НУ Завод и музеј Прилеп, уште минатата година изврши теренски увид и подготви проект за интервентна заштита на споменикот, во вредност од 2,5 милиони денари, чија реализација треба да започне во текот на оваа година. Паралелно, заедно со директорката на НУ Завод и музеј Прилеп, Мимоза Ристеска, уште минатата година направивме план за изработка на целосен проект за реконструкција на „Македониумот“. Во моментов се работи на сеопфатна документација за целосна реконструкција и конзервација на споменичниот комплекс. Очекуваме проектот да биде завршен до средината на 2026 година – изјави Љутков.
Како што беше посочено, откако ќе се финализираат документацијата и добивањето на сите потребни дозволи, ќе се започне со реализација на овој капитален проект. Воедно, Министерството за култура и туризам, врз основа на пресметката, во текот на следната година ќе ги утврди динамиката и моделот на финансирање за целосна реконструкција.
За потсетување, реконструкцијата на овој споменик на културата започна уште во 2014 година, кога беа реализирани низа значајни активности, меѓу кои: санација на потпорните ѕидови, обнова на фасадите, антикорозивна заштита, реконзервација на архитектонските елементи, како и внатрешни конзерваторски зафати и истражувања.
– Во 2017 година, наместо да се продолжи со завршување на проектот, тогашната Влада одлучи да го симне скелето и да ги прекине сите активности, оставајќи го објектот незаштитен. Сите бевме сведоци на тоа, особено граѓаните на Крушево. Последиците од таа негрижа се очигледни и денес. Нашата цел е јасна: да го заштитиме „Македониумот“. Како Влада, остануваме цврсто посветени на заштитата и на унапредувањето на културното наследство, бидејќи тоа е наш стратешки приоритет. „Македониумот“ не е само објект од културно значење туку е и симбол на македонските идентитет, историја и борба. Затоа веќе работиме посветено на негова целосна заштита и обновување – додаде Љутков.
И портпаролката Митева, ден претходно, посочи дека нема да биде оставен „Македониумот“ да пропаѓа и дека ќе му се врати заслужената слава. Додаде дека цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и за негова заштита, што оставило длабоки последици. Истакна и дека свесни за неговата културна и национална важност, нема да бараат оправдување и оти ќе ја исправат состојбата со конкретни и одговорни чекори.
– „Македониумот“ е уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност, поради што дел од експертизата ќе биде од странство, за да гарантираме дека трајно ќе биде заштитено ова културно наследство. „Македониумот“ нема да биде оставен да пропаѓа, ќе го реконструираме, ќе го зачуваме и ќе му ја вратиме заслужената слава. Овој споменик нема само културна вредност туку е и дел од нашата национална меморија, идентитет и како таков ќе им биде пренесен на идните генерации – додаде Митева.
„Македониумот“ во Крушево бил откриен на 2 август 1974 година, на денот на триесетгодишнината на заседанието на АСНОМ и на 71- годишнината од Илинденското востание. Споменикот е создаден од Јордан Грабулоски и Искра Грабул и ги означува непокорот, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и за самостојна држава.