Македонија значително заостанува зад просекот на Европската Унија, но и зад дел од балканските пазари, кога станува збор за подготвеноста за е-трговија поддржана од вештачка интелигенција. Иако онлајн купувањето бележи континуиран пораст, примената на напредни дигитални технологии останува ограничена, покажуваат најновите анализи.

Според AI Preparedness Index (AIPI) – индексот што Меѓународниот монетарен фонд го воведе во 2023 година за мерење на подготвеноста на земјите за одржлива и инклузивна примена на вештачката интелигенција – Северна Македонија има резултат од 0,48. За споредба, европските лидери како Данска, Естонија и Холандија бележат индекс над 0,76, додека меѓу земјите од Западен Балкан најдобри резултати остварува Босна и Херцеговина.

Од Асоцијацијата за е-трговија посочуваат дека овие податоци укажуваат на ограничен капацитет на домашниот бизнис-екосистем целосно да ги искористи можностите што ги нуди вештачката интелигенција во е-трговијата – од персонализација и автоматизација, до анализа на податоци, логистика и управување со ризици. Како главни предизвици се наведуваат недоволно развиената дигитална инфраструктура, послабите иновативни капацитети и недоволната интеграција во глобалната дигитална економија, иако постојат позитивни сигнали во делот на човечкиот капитал и адаптацијата на пазарот на труд.

– Е-трговијата во Македонија бележи силен пораст, но следната фаза мора да биде фокусирана на квалитет, доверба и одржлив развој, а не само на квантитет. Вештачката интелигенција не е технологија на иднината, туку реалност што веќе го менува начинот на функционирање на дигиталната економија. Нашата цел е да им помогнеме на е-трговците, институциите и потрошувачите да бидат подготвени за оваа трансформација преку едукација, иницијативи и кампањи – вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска-Станков.

Истовремено, прегледот на е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијацијата за е-трговија, покажува дека 63,2 % од интернет-корисниците во земјата купувале онлајн во 2024 година. Овој податок ја позиционира Македонија меѓу водечките пазари во регионот според учеството на онлајн купувачи, иако земјата сè уште останува под европскиот просек.

Аналитичарите оценуваат дека токму комбинирањето на растечката база на онлајн потрошувачи со системска примена на вештачката интелигенција може да биде клучот за забрзан развој и зголемена конкурентност на македонската е-трговија во наредниот период.

ИЗДВОЕНИ