Колку се катастрофални летните пожари за нашата земја покажува фактот дека само во 2024 и 2025 година изгорела шумска површина од над 126.000 хектари, која е речиси еднаква на вкупната шумска површина оголена од пожарите во претходните 7-8 години. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година под шума биле 1.008.541 хектар. Ова значи дека за две години (2024 и 2025) Македонија загубила дури 12,5 проценти од своето национално шумско богатство
Оваа година, а особено минатата година, беше катастрофална за македонските шуми. Продолжените топлотни бранови, ветерот и сушата го направија своето. Податоците на европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), кој е дел од Службата за управување со вонредни состојби „Коперник“ на ЕУ, се загрижувачки.
Во пожарите што траеја речиси три месеци (јули, август, септември) оваа година, изгорела површина од 31.066 хектари, што е 1,25 проценти од територијата на државата. EFFIS објави дека минатата 2024 година, во Македонија изгореле 95.131 хектари шума во пожарите во јули и август 2024 година. За споредба, во периодот од 2006 до 2024 година, во просек годишно гореле по 16.215,79 хектари.
Колку се катастрофални летните пожари за нашата земја покажува фактот дека само во 2024 и 2025 година изгорела шумска површина од над 126.000 хектари, која е речиси еднаква на вкупната шумска површина оголена од пожарите во претходните 7-8 години. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2023 година под шума биле 1.008.541 хектар. Ова значи дека за две години (2024 и 2025) Македонија загубила дури 12,5 проценти од своето национално шумско богатство.
Надлежните институции во Македонија досега не објавија официјални податоци за вкупните штети предизвикани од шумските пожари. Сепак, статистичките податоци покажуваат дека се зголемува сериозноста на шумските пожари со текот на годините, а со тоа растат и заканите за животната средина, ризиците за населението и финансиските штети.
Извештајот на Светска банка за климата и развојот за шесте земји од Западен Балкан, објавен во октомври 2024 година, ја нагласува потребата балканските земји да инвестираат во намалување на ризиците што глобалните климатски промени сè повеќе ги носат. Во извештајот проценуваат дека во следната деценија, само на Македонија ќе ѝ требаат вкупно 6,4 милијарди долари за зајакнување на отпорноста кон климатските промени, за ефикасна заштита на луѓето и на имотот.
– Секој долар од овие инвестиции сега ќе испорача од два до десет пати повеќе поврат во иднина, поради избегнатите загуби и економските придобивки. Во отсуство на инвестиции за адаптација, поради климатските промени, Македонија до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од бруто домашниот производ (БДП) – покажа извештајот на Светска банка.
Причините за пожарите се комплексни, но доминира човечкиот фактор – палење на отпад, стрништа или шуми, со слаба еколошка свест и речиси никаква одговорност. Од Европскиот центар за среднорочни прогнози на времето посочија дека климатските аномалии се, можеби, најчестата причина за пожарите и тоа покажува дека земјата станува посува и потопла и дека секое запалување може брзо да се прошири и да се интензивира. Оттаму посочуваат дека ваквите услови ќе станат сè пообични во иднина, што ќе ги стави пожарникарските ресурси на голем притисок и предлагаат вегетацијата во планините да се пасе или контролирано да се гори.
Оваа година беше забележливо дека голем процент од пожарите беа предизвикани од пиромани. МВР понесе голем број кривични пријави, но граѓаните сметаат дека судството е последната алка што ќе мора да застане на браникот на државата, бидејќи залудно е да се фатат и стотици пиромани и дрвокрадци кога тие добиваат мали парични или условни казни во судска постапка. Експертите предупредуваат дека се потребни системски реформи: од високи казни за пироманите и вложување во опрема до јавна едукација и превентивни политики за справување со сè поопасните пожари.
Кај нас, уништените шуми речиси секогаш се сечат, а голите ридови се обновуваат со многу бавно темпо. Дури и кога се организираат кампањи за садење дрвја, потребни се многу години за да се санираат штетите од шумските пожари. Претпоставките на ЈП „Национални шуми“ се дека за 3 до 5 години, со добар ангажман, односно со интензивни пошумувања на изгорените површини, повторно ќе се врати зелениот сјај. Дождовите оваа есен, можеби, ќе успеат да ја сменат сликата што ја оставија пожарите зад себе.
(С. Бл.)