Фото: КФМ

Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија нема да игра во квалификациите за пласман на СП 2027, откако го претрпе и третиот претквалификациски пораз во исто толку натпревари, овој пат на гостински терен од Романија (79:66).

Отпорот на подмладената селекција траеше само во првите неколку минути, кога имавме водство 9:8. Од тој момент следуваше серија 14:4 на Романците, со која дојдоа до плус девет (22:13) и најавија уште една победа во меѓусебните дуели со нашите момци.

Тоа не ја намали желбата кај нашите момци за изненадување, што се гледаше од константните обиди да се намали негативата. Првпат во тоа успеавме пред крајот на првото полувреме, кога дојдовме на минус еден (30:31), но и кога повторно нагло паднавме. Домаќинот потоа со идентични 14:4 замина со двоцифрена предност на одмор (45:34).

Цевено – жолтите“ дојдоа до минус три (66:69) и имаа шут за изедначување, кој за жал не го погодија. Ова ги налути Романците, кои мечот го завршија со десет поени во низа и победа со која го обезбедија пласманот во следната рунда.

За разлика од претходниот натпревар против Унгарија, денеска нашиот млад тим покажа карактер и морам да бидам задоволен од играчите. Романија има далеку поискусни кошаркари и заслужено победи, но ние напредуваме од натпревар во натпревар“, изјави селекторот Марјан Илиевски по мечот.

Џејкоб со 19 поени и 10 скока одново беше најдобар во македонскиот состав, каде што отскокнаа уште и Андреј Магдевски со 13 и Андреј Митревски со 11 поени. Македонија сега има скор 0:3, Романија има 3:0, а Унгарија 1:1 што значи дека на нашиот состав му останува само луда (неостварлива) теорија за да дојде до едно од првите две места во групата. Според неа, Унгарија в сабота треба да загуби дома од романските кошаркари, а потоа да ги победиме Унгарците во последниот меч в среда со најмалку 38 поени разлика. Оваа средбата ќе се игра во Скопје во салата СРЦ „Кале“.

ИЗДВОЕНИ