Владата е задоволна од искористеноста на средствата од унгарскиот кредит наменет за поддршка на домашните компании, смета премиерот Христијан Мицкоски. Од предвидените 250 милиони евра, досега, преку Развојната банка, на компаниите им се префрлени околу 225 милиони евра.
– Тоа е кредит што условно го субвенционира Владата, со каматна стапка од 1,95 проценти, три години грејс-период и рок на отплата до 15 години. Очекувам уште во првиот квартал од оваа година целосно да биде исцрпен, заедно со сопствените средства што ги вложуваат банките во развојните проекти на компаниите, како поддршка на стопанството и на економијата – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Македонија е водечка во регионот во делот на инвестициите, со раст што достигнува двоцифрен број проценти.
– Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па и во целата 2025 година, е двоцифрен број проценти, споредено со тој период во рамките на еврозоната, кој е два-два и пол проценти, јас сум навистина задоволен од начинот на кој се искористени овие средства – додаде Мицкоски.
Тој истакна дека Владата ќе продолжи да го поддржува развојот на домашните компании и проекти што одговараат на потребите на граѓаните, со цел унапредување на економскиот раст и подобрување на условите за инвестирање во земјава.












