петок, февруари 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија во ЕУ во 2027 – историска шанса или ново разочарување?!

Македонија во ЕУ во 2027 – историска шанса или ново разочарување?!

Сценариото за членство на Македонија во Европска Унија, веќе во 2027 година, во пакет со Украина и дел од Западен Балкан, но без право на глас, што го обзнани премиерот Христијан Мицкоски, ја отвора дилемата дали проширувањето влегува во нова геополитичка фаза или станува збор за амбициозна опција со многу неизвесности. Ваквиот пристап би значел нов модел на проширување – политичко интегрирање пред целосно институционално изедначување – што отвора прашања за еднаквиот третман на регионот, но и за тоа дали ЕУ е подготвена за историски компромис во време на глобални безбедносни турбуленции. Во однос на тоа дали во условите е и барањето за уставни измени, премиерот истакна дека „претпоставува оти ќе биде и тоа бидејќи е прифатено од претходната влада“, но и забележува дека известувачот во  Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, „не вели итно да се донесат уставните измени, туку да се донесат“

63

Премиерот Христијан Мицкоски отвори можност што до скоро звучеше како научна фантастика – Македонија веќе идната година да стане членка на Европска Унија. Според сценарио што, како што вели, сè погласно се разгледува во Брисел во рамки на мировниот план за Украина, земјата би можела да седне на европската маса заедно со неколку други држави од регионот, но без право на глас. Иако станува збор за условно и комплексно решение поврзано со пошироки геополитички договори, изјавата ја отвори клучната дилема – дали Македонија е навистина на чекор до ЕУ или станува збор за политичка опција со многу „ако“?

Во ова сценарио, покрај Украина, на „брзата лента“ би се нашле и земјите од Западен Балкан – Црна Гора, Албанија и Македонија – со можност за приклучување и на Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија. Ваквиот пристап би значел нов модел на проширување – политичко интегрирање пред целосно институционално изедначување – што отвора прашања за еднаквиот третман на регионот, но и за тоа дали ЕУ е подготвена за историски компромис во време на глобални безбедносни турбуленции.

Западен Балкан со Украина на „брза лента“

Премиерот Мицкоски, во телевизиско гостување во четвртокот, изјави дека постои опција за членство во Европската Унија, што би се случило во 2027 година, како дел од сценарио поврзано со мировниот план за Украина, но без право на глас.

– Постои една идеја која сè погласно се слуша и во Брисел и наоколу и го опфаќа мировниот план за Украина, во кој интеграцијата на Украина, а со цел идна реконструкција, во рамките на ЕУ би била на брза лента. Тоа би било непринципиелно кон Западен Балкан и постојат две сценарија. Добро е што и ние сме во двете сценарија. Првото сценарио е Македонија, заедно со Украина, Црна Гора и Албанија да стане членка на ЕУ и тоа на почеток на 2027, да седне на масата, да се развиори македонското знаме во Брисел, но без право на глас. Да учествуваме во работата на советот, комисиите, телата, со многу внатрешни контролни механизми, рече Мицкоски во интервју на телевизија Канал 5.

За да се случи такво членство, треба да бидат исполнети два задолжители услови – заедничка надворешна и безбедносна политика со Унијата, што Македонија ја има усогласено, и владеење на правото. Оваа интеграција би се случила идната година. Второто сценарио, според Мицкоски, е на ова да се приклучат и другите земји од регионот, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија.

– Ова е тоа што се слуша во Брисел, што се слушаше во Минхен, но тоа зависи од многу „ако параметри“, од мировниот план за Украина, консензусот за евентуален мировен договор, итн. Светот се менува динамично и ќе продолжи да се менува, ние треба да сме умни, да ги антиципираме тие промени и да се адаптираме, изјави Мицкоски.

Уставните измени слонот во собата

Во однос на тоа дали во условите е и барањето за уставни измени, премиерот истакна дека „претпоставува оти ќе биде и тоа бидејќи е прифатено од претходната влада“, но и забележува дека известувачот во Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, „не вели итно да се донесат уставните измени, туку да се донесат“.

– Сите го знаеме тоа, не можеме да го игнорираме слонот што некој го донел во собата. Но има и други работи што исто така ги гледаме, па да видиме како може да дојдеме до компромис за да ги добиеме сите од процесот. Ценам дека досега сите влади кои прифаќале компромиси на штета на македонскиот идентитет и на иднината на државата го правеле тоа што имале ветувања дека на тој начин ќе ја постигнат цената. Никогаш не успевале затоа што секогаш постои – ако, рече Мицкоски.

Тешко до консензус дома

Тој најави дека Владата ќе работи на решение за откочување на евроинтеграцискиот процес на државата, но не под притисок и кон решение кое нема да нè одведе до самиот крај, туку до првата следна пречка. Мицкоски оцени дека аргументите се на наша страна и дека добиваат форма во меѓународната заедница, но за жал, сè уште постои правилото за едногласност.

– Ова што го наследивме, а што го прифати претходната влада, во суштината, не е решение и најголем дел од граѓаните во Македонија не го прифаќаат. Ако биле потребни децении за да се постигне Бледскиот договор веднаш по Втората светска војна и Македонците од другата страна на границата да добијат културна автономија со право на спојување кон тогашната Народна Република Македонија, во склоп на југословенската федерација, потоа тоа од познати причини, во ’49-тата година прекинува, па потоа ако биле потребни децении на живковизмот да ги дочека Заев и Ковачевски, а тие да го прифатат т. н Француски предлог, можеби повторно ќе бидат потребни децении за да добиеме некое фер и пристојно решение кое ќе ги сочува достоинството и идентитетот, а од друга страна, ќе нуди предвидлив процес кон иднината, рече Мицкоски.

Тој откри дека на последниот панел на Минхенската безбедносна конференција, еден од дискутантите, како што рече, од многу моќна држава рекол: „Тоа што ѝ го правиме на Македонија е криминал“.

Мицкоски рече дека секој што не им мисли добро на Македонија и на граѓаните ќе бара меко ткиво и тоа го наоѓа во опозицијата, а прашан дали би изградил консензус со лидерот на СДСМ Венко Филипче, Мицкоски посочи дека Филипче јавно кажува „дека би го сменил Уставот уште утре“ и кога имаат толку различни позиции, не гледа како би можеле да дојдат до консензус.

Има ли понуда за членство без право на вето?!

Овие изјави доаѓаат во момент барањето за уставни измени го блокира придвижувањето на земјава кон следната фаза од преговорите со Европска Унија, согласно преговарачката рамка усвоена во 2022 година. Додека Скопје инсистира на дополнителни политички гаранции и механизми што ќе спречат нови билатерални блокади, дел од земјите од регионот испраќаат поинакви сигнали – дека европската интеграција е апсолутен стратешки приоритет, дури и по цена на тешки политички компромиси.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, во неколку наврати изјави дека Тирана нема алтернатива на членството во ЕУ и дека е подготвена „да ги исполни сите обврски без калкулации“, нагласувајќи дека процесот мора да се гледа како долгорочна инвестиција во стабилноста и развојот. Рама јавно порача дека Албанија нема да биде фактор на блокада во регионот и дека поддржува реформи во ЕУ што би го направиле проширувањето поефикасно, вклучително и преиспитување на принципот на едногласност.

Слична порака испраќа и Црна Гора. Премиерот Милојко Спајиќ изјави дека Подгорица има амбиција да стане следната членка на ЕУ до 2028 година и дека земјата е подготвена да ги затвори преостанатите поглавја со засилено темпо, потенцирајќи дека „членството е надпартиски и национален консензус“. Црногорските власти во повеќе наврати истакнаа дека нема да го користат правото на вето како средство за билатерален притисок во иднина, туку дека ќе се залагаат за функционална и проширена Унија.

Наспроти ваквите сигнали од Тирана и Подгорица, Скопје порачува дека процесот може да продолжи само доколку се обезбедат цврсти гаранции дека нема да има нови условувања надвор од европските критериуми. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна изјави дека се надева оти ЕУ ќе изнајде начин „на нашиот пат да нема билатерални пречки“, повторувајќи дека додека тој е на чело на Владата, уставните измени нема да се случат без гарантирани права за Македонците во Бугарија и механизми што ќе спречат нови блокади во текот на преговорите.

Србија и Албанија се согласија на членство во ЕУ без право на вето, а македонскиот премиер деновиве рече дека „нема таква информација ниту понуда“ и кога ќе има нешто сериозно на хартија може да се дискутира.

Надежда  – надеж за односите Скопје-Софија?!

Од опозициската СДСМ, пак, тврдат дека актуелната власт ја турка Макеоднија во изолација и нацрт-извештајот на известувачот Вајц е потврда за тоа.

-Извештајот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент е уште една потврда на она што СДСМ со месеци го говори, Македонија е заглавена, реформи нема, а процесот на пристапување кон Европската Унија е сопрен. Власта дефинитивно ја турка земјата во изолација. Цитирам: „Процесот на пристапување е сопрен“, и ова не е оценка на опозицијата, туку официјален став наведен во овој извештај. Во документот јасно се наведува дека нема напредок во владеењето на правото, правосудните реформи и борбата против корупцијата.  Пораката од Брисел е јасна, проширувањето може да се забрза, но само ако има вистински реформи и владеење на правото. Наместо реформи, владата намерно отвора кавги со соседите за да ја оправда изолацијата и да ги блокира преговорите, истакна во одговор на новинарско прашање, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Во меѓувреме, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, телефонски разговарал со новоименуваната министерка за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски. Како што соопштија од МНР, Муцунски и честитал за именувањето и потенцирал дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка. Македонскиот шеф на дипломатијата иницирал и билатерална средба со бугарската колешка во наредниот период.  (В.С.Н.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ