петок, јануари 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија во Давос – пробив или пропуштена шанса?!

Македонија во Давос – пробив или пропуштена шанса?!

Македонската делегација во Давос настапи со амбиции за зајакнување на меѓународните контакти и промоција на стратешките енергетски проекти. Иако беа остварени повеќе средби и учества на панели, јавноста остана со ограничени информации за нивната конкретна содржина и резултати. Дел од аналитичарите оценуваат дека недостигот од транспарентност ја намалува тежината на ваквите настапи. Андреја Стојковски, директор на Институт Преспа, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека немал големи очекувања од средбите на македонската делегација во Давос. Тој порачува дека треба добро да се следат случувањата на меѓународна сцена, за да може земјава соодветно да се позиционира. Поранешниот амбасадор, Ристо Никовски, вели дека иако нема детален увид во активностите на македонската делегација, земјава ги пласирала своите големи проекти на енергетски план. Опозицијата го оцени настапот на премиерот како показател за дипломатска изолација на земјата, додека Владата тврди дека Давос бил искористен за позиционирање на Македонија како енергетски и инфраструктурен фактор во регионот

160

Во однос на проектот на американскиот претседател Доналд Трамп, формирањето на Одборот за мир, Стојковски смета дека е позитивно што земјава не добила покана, затоа што, во спротивно, тој смета дека ќе било препорачливо земјата да одбие да му се приклучи на Трамп.  Поранешниот амбасадор, Никовски, пак, посочи дека е изненадувачки што Македонија не беше во првата постава за приклучување, но додава дека освен трајните членки, останатите се со тригодишен мандат, па и членството на земјава во иднина не е исклучено 

Годинашниот Светски економски форум во Давос, каде што на едно место се собраа лидери од повеќе од 65 држави, претставуваше ретка можност за малите земји да се позиционираат на глобалната политичко-економска мапа. За Македонија, учеството на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски беше најавено како шанса за интензивирање на меѓународните контакти, привлекување инвестиции и промоција на стратешките енергетски и развојни проекти. Сепак, по завршувањето на форумот, во јавноста останаа повеќе прашања отколку одговори – за тоа што реално беше постигнато, како беше искористена можноста за директни средби со светските лидери и дали Македонија успеа да покаже меѓународна видливост и да испрати јасна надворешнополитичка порака. Дел од познавачите со кои разговаравме се согласни дека медиумите и јавноста имаа оскудни информации за активностите на владината делегација во Давос.

 Без големи очекувања

Андреја Стојковски, директор на Институт Преспа, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека немал големи очекувања од средбите на македонската делегација во Давос. Тој порачува дека треба добро да се следат случувањата на меѓународна сцена, за да може земјава соодветно да се позиционира.

Андреја Стојковски, извршен директор на Преспа институт

– Имаме многу малку јавни објави и многу малку официјални информации за активностите на македонската делегација во Давос. Веројатно и тоа е показател. Морам да кажам, јас немав големи очекувања. Не гледам суштинска дебата. Дебатата во државава беше сведена на обвинувања бидејќи не знаеме да излеземе од маалската политика. Имам сеќавања кога Македонија беше дел од интересни приказни за кои се известуваше, дури и главна приказна. Да се потсетиме, Македонија беше претседавач со ОБСЕ и го водеше дијалогот на 57 држави. Во тој момент, во Скопје беше продолжен мандатот на четворица клучни функционери на ОБСЕ, што се смета за успех. Треба добро да следиме што се случува на меѓународна сцена, за да можеме соодветно да се позиционираме. Понизноста и допадливоста не се начини на водење надворешна политика, вели Стојковски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Во однос на проектот на американскиот претседател Доналд Трамп, формирањето на Одборот за мир, Стојковски смета дека е позитивно што земјава не добила покана, затоа што, во спротивност, тој смета дека ќе било препорачливо земјата да одбие да му се приклучи на Трамп.

– Немам проблем што не бевме поканети да се приклучиме кон Одборот за мир. Ако бевме поканети, сметам дека ќе требаше да одбиеме. Во тој одбор не може да учествува, а уште помалку да го иницира, држава која го крши меѓународното право, вели директорот на Институтот Преспа, Андреја Стојковски.

Доминација на Трамп

И амбасадорот од кариера, Ристо Никовски, оценува дека јавноста нема детален увид во однос на средбите, иако биле остварени бројни состаноци на кои земјава ги пласираше големите енергетски проекти.

Ристо Никовски, поранешен амбасадор
Ристо Никовски, поранешен амбасадор

– Не е спорно дека нашата делегација во Давос имаше бројни средби и дека тоа се настани каде што преку тие контакти се отвораат можности за разни нови соработки. Вкупниот впечаток од Давос е дека доминираше Трамп и американските политики околу Гренланд и тоа, на некој начин, сè друго фрли во сенка. Очигледно е дека новите американски политики го вознемирија светот и веќе нема никакви дилеми дека односите меѓу Европа и Америка се на ниво на конфронтација. Што се однесува до нашето учество, немаме некој подетален увид колку и какви средби се одржани, и не е објективно да се пласира голем оптимизам. Македонија, очигледно, ги пласираше нашите големи проекти, особено на енергетски план, кои веќе со децении се на маса, и ништо не се случува. Да се надеваме дека по овој Давос поактивно ќе се работи на тие проекти, бидејќи е неоспорно дека енергијата била, останува и ќе биде клучен фактор за побрз развој, а Македонија е дефицитарна на загрижувачки начин, вели амбасадорот Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Коментирајќи го формирањето на Одборот за мир, поранешниот амбасадор посочи дека е изненадувачки што Македонија не беше во првата постава за приклучување, но додава дека освен трајните членки, останатите се со тригодишен мандат, па и членството на земјава во иднина не е исклучено.

– Изненадува што Македонија не е спомната меѓу земјите планирани за Одборот за мир, меѓутоа, моето мислење е дека од тоа нема да биде ништо, дека тоа е една нереална амбиција на Трамп, на некој начин да владее со светот. Сепак, според расположливите информации, замислата е во Одборот, како трајни членки, да бидат сите што ќе дадат милијарда долари, додека другите ќе се менуваат на секои три години. Со други зборови, и нашето членство не е исклучено, изјави амбасадорот Никовски.

СДСМ обвини за дипломатска изолација

Критики за тоа колку македонската делегација во Давос ја искористи можноста за средби и комуникации, во ситуација кога на едно место беа собрани лидери од 65 држави во светот, пристигнаа и од опозицискиот СДСМ. Оттаму го обвинија премиерот Христијан Мицкоски за дипломатска изолација и медиумски мрак за Македонија.

– Посетата на премиерот Мицкоски во Давос ја откри целосната изолација на Македонија, што ја донесе неговата политика. Наместо разговори со европски и светски лидери, Мицкоски се сретна само со своите неколку партнери. Што не е никакво изненадување, особено откако неговиот најблизок соработник, вицепремиерот Иван Стоилковиќ, славеше со „Ноќните волци“, проруски групи познати по поддршката на Кремљ. Ова не е случајно, туку дел од поширок план за изолација на нашата земја од ЕУ, поттикнат од кампањата против ЕУ што ВМРО ја води веќе некое време, одбивајќи реформи и компромиси неопходни за европската интеграција, што ја загрозува иднината на следните генерации, стои во партиското соопштение од СДСМ.

Според официјалните информации од владината прес-служба и од објавите на премиерот на социјалните мрежи, македонската делегација во Давос, оваа година, оствари низа средби и учества на панели поврзани со енергетската трансформација, вештачката интелигенција и економскиот пораст, при што беа промовирани долгогодишните енергетски проекти како „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков мост“.

Енергетски и стратешки проекти

Премиерот Мицкоски најави зајакнување на преносните линии за електрична енергија и природен гас. На панел во рамките на Светскиот економски форум, Мицкоски информирал дека Македонија гради гасен интерконектор со Грција и почнува со изградба на гасен интерконектор за поврзување со Србија. Како што објавија во владиното соопштение и премиерот на социјалните мрежи, Мицкоски зборувал и за изградбата на трите големи брани – стратешки проекти вредни две милијарди евра, кои, според него, освен што ќе овозможат производство на електрична енергија, ќе создадат и три значајни резервоари со чиста вода за пиење.

Христијан Мицкоски, премиер
Христијан Мицкоски, премиер

– На вчерашниот пладневен панел посветен на економија и инвестиции во Давос, зборував за стратешките чекори што ги преземаме како држава во однос на вештачката интелигенција, енергетиката и долгорочниот развој на државата. Во однос на вештачката интелигенција, ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија, но не само тоа, паралелно ги зајакнуваме и преносните линии за природен гас. Во тој контекст, градиме гасен интерконектор со Грција, а почнуваме и со изградба на гасен интерконектор, што ќе ја поврзе државата со Србија. Ова се стратешки проекти од суштинско значење не само за нашата држава туку и за целиот регион, вели премиерот, и додава дека со поврзувањето, земјата ќе го зголеми капацитетот за гас до 8 милијарди кубни метри годишно.

Во врска со браните, Мицкоски посочи дека потребата од обезбедување резерви чиста вода за пиење ќе биде сè поголема.

– Имајќи ги предвид климатските промени, регионот ќе има сè поголема потреба од вакви резерви, кои ќе обезбедат долгорочна водна безбедност и стабилно снабдување со чиста вода, нагласи македонскиот премиер.

Светскиот економски форум во Давос традиционално важи за една од највлијателните глобални платформи каде што се вкрстуваат политиката, економијата и бизнисот, а за малите држави претставува можност за зголемување на меѓународната видливост и отворање на канали за инвестиции и политичка поддршка. Во услови на засилени геополитички тензии и глобални економски предизвици, присуството на ваквите форуми добива дополнителна тежина, бидејќи овозможува директна комуникација со носителите на одлуки и потенцијалните инвеститори. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ