Министерството за транспорт и врски подготвува законски измени со кои Македонија треба да стане попривлечна дестинација за инвестиции во дата-центри. Според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, измените на Законот за урбанистичко планирање и на Законот за градење се во завршна фаза, сè со цел да се овозможи организирана изградба на современи центри за обработка и складирање податоци за да биде Македонија во чекор со глобалниот развој на вештачката интелигенција.
Николоски оценува дека зголемената побарувачка за дигитална инфраструктура отвора сериозна можност за привлекување странски инвестиции, нови работни места и за дополнителен економски раст.
– Со развојот на вештачката интелигенција и технолошката револуција што се случува глобално, дата-центрите стануваат неопходна инфраструктура. Македонија треба да води паметна политика и да привлече инвеститори што ќе вложуваат во големи дата-центри – изјави Николоски.
Тој посочи дека Владата планира процесот да биде координиран централизирано, со однапред подготвени локации и урбанистички решенија за да се олесни влезот на потенцијалните инвеститори.
– Кога ќе доаѓаат потенцијалните инвеститори, тие треба да имаат веќе подготвени локации и проекти на кои ќе можат веднаш да инвестираат. Тоа ќе значи стотици милиони евра инвестиции, нови вработувања и раст на БДП – нагласи вицепремиерот.
Тој очекува законските измени да создадат јасна регулаторна рамка за урбанизирање и за изградба на дата-центри, бидејќи тие овозможуваат развој на сервиси во облак, креирање различни дигитални платформи и напредни ИТ-решенија, а воедно носат и зголемена потреба од високо квалификувана работна сила. Ова досега претставуваше една од клучните пречки за развој на ваков вид инфраструктурни проекти во земјава. Од Владата очекуваат дека со новите правила, Македонија ќе може подобро да се позиционира на регионалната мапа за технолошки инвестиции, особено во услови на забрзан развој на дигиталната економија и на вештачката интелигенција.
(С. Бл.)












