Овие бројки го покажуваат значењето на вложувањата во превенција и подобри услови за работа. Токму оваа тема ќе биде обработена во проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, што го имплементира Меѓународната организација на трудот (МОТ), со финансиска поддршка од Европската Унија и ќе трае до октомври 2028 година  

Статистичките податоци покажуваат дека на глобално ниво годишно се случуваат 2,9 милиони смртни случаи и преку 400 милиони повреди на работно место, што на светската економија ѝ нанесува загуби од околу 4% од глобалниот БДП. Во ЕУ, економските загуби се проценуваат на 3,3% од БДП на Унијата, што изнесува околу 460 милијарди евра. Ако се примени оваа стапка, тогаш економските загуби предизвикани од повредите на работно место во нашата земја би изнесувале помеѓу 500 и 600 милиони евра годишно.

Овие бројки го покажуваат значењето на вложувањата во превенција и подобри услови за работа. Токму оваа тема ќе биде обработена во проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“ што го имплементира Меѓународната организација на трудот (МОТ), со финансиска поддршка од Европската Унија и ќе трае до октомври 2028 година.

Заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, во своето обраќање на официјална промоција на проектот рече дека мора сите да признаеме дека бројот на повреди на работа и понатаму е висок, а системите за управување со ризици не се доволно распространети, особено во малите и средни претпријатија.

Треба да изградиме систем кој ќе гарантира сигурни, здрави и продуктивни работни места за сите граѓани. Со поддршка на меѓународните партнери, со социјалниот дијалог и со знаењето на нашите експерти и академици, уверен сум дека ќе изградиме одржлива и современа култура на превенција – достојна за земја што чекори кон ЕУ истакна Димовски.

Советникот на Делегацијата на ЕУ, Александру Албу, истакна дека проектот претставува уште еден конкретен чекор во приближувањето на земјата кон европските стандарди.

Инвестирањето во безбедност и здравје при работа води до поголема продуктивност, помал број боледувања, помотивирани вработени и поконкурентни компании. Овој проект ќе ѝ помогне на земјата да го усогласи својот правен рамковен систем со директивите на ЕУ, да ги дигитализира процесите на трудовата инспекција и да воспостави национален систем на податоци што ќе овозможи управување со ризиците засновано на докази и ќе поттикне подобар социјален дијалог меѓу работодавачите и работниците – рече Албу.

Директорката на Регионалниот центар на МОТ во Будимпешта, Клер Харасти, преку видеопорака, нагласи дека успехот на секоја економија зависи од тоа колку го вреднува здравјето на своите луѓе.

Преку обуки, техничка поддршка и споделување на добри практики, ќе работиме на надградба на системот. Нашата мисија е јасна, да го претвориме правото на безбедно и здраво работно место во реалност за секој работник, во секој сектор истакна Харисти.

Регионалната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија, во своето обраќање додаде ОН стојат зад Северна Македонија во нејзината определба да создаде општество во кое секој човек ќе може да работи без страв од повреда, болест или дискриминација.

Со овој проект, државата го зајакнува својот капацитет да ги претвори меѓународните стандарди во реалност, што ќе се чувствува во секоја компанија и на секое работно место потенцираше Колумбија.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, посочи дека овој проект отвора ново поглавје во националната политика за безбедност и здравје при работа.

Заштитата на здравјето и животот на работниците е темелна вредност и законска обврска, но пред сè морална должност на сите. Со овој проект почнуваме нова фаза во која ќе создадеме модерен систем, со јасна стратегија, дигитални алатки и посилна инспекција. До 2028 година, нашата цел е земјата да има нова, современа рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со највисоките стандарди на МОТ и ЕУ. Превенцијата е најдобрата инвестиција – во луѓето, во компаниите и во иднината на економијата порача Дурмиши.

Во 2023 година, Државниот инспекторат за труд спроведе над 22.000 инспекциски надзори, при што во речиси половина од случаите се утврдени неправилности. Ова покажува зголемена инспекциска активност, но и потреба од понатамошно јакнење на институционалните капацитети.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ