Македонската Влада јавно застана зад потезите на САД по апсењето на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, критикувајќи ги двојните аршини на дел од меѓународната заедница. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека одамна се направени преседани во меѓународното право на грбот на Македонија, за што тогаш владеела „громогласна тишина“. По апсењето на Мадуро и по нападите врз воени цели во Каракас, земјата се соочува со протести, прекини на струја и со редици пред продавниците. Венецуелските власти се обидуваат да обезбедат институционален континуитет, додека опозицијата и меѓународните актери се длабоко поделени. Аналитичарите предупредуваат дека отстранувањето на Мадуро може да ја турне Венецуела во хаос со долгорочни регионални последици, додека американскиот претседател најави дека додека му се суди на Мадуро во Њујорк за наркотероризам, Трамп ќе управува со Венецуела
– Ние, како Влада, апсолутно стоиме зад аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Мене најмногу ме зaгрижува громогласната тишина на истите тие европски и светски земји во минатото, кога се кршеше меѓународното право на грбот на Македонија и на македонскиот народ. И како тогаш сите тие се оглувеа и никој од нив не го коментираше сето тоа. И како сега наеднаш сите тие коментираат дали било тоа меѓународно право или не било меѓународно право итн., имајќи предвид дека познавам голем дел од оние што коментираат, а не се меѓународно правни експерти. Јас би им го оставил тоа на експертите по меѓународно право. Но, еднаш во животот кога ќе направите исклучок, тој потоа станува практика и е прашање на време кога ќе се удри од вашиот грб – изјави премиерот Христијан Мицкоски прашан за позицијата на Македонија во однос на приведувањето на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, од страна на САД.
Мицкоски рече дека „преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН“.
– Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани… Имаше и хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите оние што коментираат денеска. А дали е ова преседан или не, ние, како Влада, апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави – изјави Мицкоски.
Претходно, по американската акција за приведување на венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, наспроти воздржаноста на земјите во Европа за оваа акција и нивниот став дека со неа се поткопува меѓународното право, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалните мрежи ја поздрави објавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека е уапсен Мадуро и дека ќе се соочи со правдата.
– Одговорноста е важна. Ние стоиме зад Соединетите Американски Држави и зад венецуелскиот народ за слобода и демократија – напиша Муцунски во објавата и упати пофални зборови за американскиот државен секретар, Рубио, за неговото лидерство во, како што вели, соочувањето со наркокриминалните мрежи на режимот на Мадуро.
Мадуро и неговата сопруга од саботата се во притвор во „Метрополитен детеншн центар“ во Бруклин, Њујорк, објект познат по сместувањето високоризични затвореници, вклучувајќи го и мексиканскиот наркобос, Ел Чапо. Се очекува тој да се појави пред Федералниот суд во Менхетн уште денес, со обвиненија за дрога и за оружје. Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека САД привремено ќе „ја водат Венецуела“ сè додека не се обезбеди „мирно и законско предавање на власта“. Тој, исто така, најави влез на големи американски нафтени компании во Венецуела, кои, според него, ќе инвестираат милијарди долари во реконструкција на тешко оштетената нафтена инфраструктура. Трамп порача и дека американските сили се подготвени за дополнителни напади, но „засега нема потреба од тоа бидејќи операцијата ги постигна сите свои цели“.
Но, неговите планови, како што се чини, нема лесно да се спроведат. Длабоко е нејасно, пишува Би-би-си, што ќе се случува понатаму. Сепак, дури и некои жестоки критичари на Мадуро предупредуваат дека нема да биде лесно тоа со оглед на влијанието на Владата во земјата, која ги контролира судството, Врховниот суд, армијата и е поврзана со вооружените паравоени групи познати како „колективос“. Некои стравуваат дека интервенцијата на САД би можела да предизвика насилна фрагментација и долготрајна борба за власт. Дури и оние што не го сакаат Мадуро и сакаа да си замине се претпазливи за интервенцијата на САД како средство за таа цел, потсетувајќи се на децениите со државни удари поддржани од САД и на промените на режимот во Латинска Америка во 20 век. И самата опозиција е, исто така, поделена, не сите ги поддржуваат венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо и Трамп. Во моментов, сè уште владее неизвесност околу тоа дали ќе се обидат САД да поттикнат свикување нови избори во Венецуела и да отстранат други високи членови на Владата или од војската, па и нив да ги принудат да се соочат со правдата во САД. Трамп има повеќе сојузници во регионот, на пример Еквадор, Аргентина и Чиле, но Мадуро ги има на своја страна големите сили како Бразил и Колумбија, кои не ја поддржуваат воената интервенција на САД.
Венецуелските власти во отсуство на Мадуро веќе направија обид да се консолидираат. По налог на Уставниот совет на Врховниот суд на Венецуела, потпретседателката Делси Родригез ја презеде улогата на вршител на должноста претседател. Судот наведе дека Родригез ќе ги преземе „должностите на претседател на Боливарската Република Венецуела со цел да се гарантираат административен континуитет и сеопфатна одбрана на нацијата“. Се додава и дека Судот ќе го разгледа прашањето „да ја утврди применливата правна рамка за да се гарантираат континуитетот на државата, управувањето со Владата и одбраната на суверенитетот во присилно отсуство на претседателот на Републиката“. Родригез, пак, изјави дека Мадуро е единствен претседател, повика на мир и единство во одбраната на земјата и рече дека Венецуела никогаш нема да биде колонија на која било нација.
По апсењето на Мадуро, на кое му претходеа експлозии од американски напад на неколку воени цели во и околу главниот град Каракас, кои среде ноќ ги преплашија граѓаните, ситуацијата во Венецуела е крајно напната. Пред пазарите и продавниците се создаваат редици. Сите сакаат да се снабдат со што повеќе продукти бидејќи не знаат што ги чека понатаму. Исто така, во главниот град во неделата снема струја и не функционираа телекомуникациските мрежи. Во Каракас и во земјата почнаа протести – едни го поддржуваат Мадуро, а други го слават неговото апсење. Има протести и во САД и низ Европа. Додека на протестите во САД – во Вашингтон, Бостон, Њујорк, Атланта, Лос Анџелес, Чикаго… имигрантите од Венецуела имаат помешани реакции, многу Американци изразуваат фрустрација поради потенцијалната војна и крвопролевањето за да се контролира нафтата, пренесува Си-ен-ен.
По американскиот напад, Венецуела привремено ја затвори границата со Бразил за да спречи граѓаните да преминат во таа земја, иако, како што беше официјално соопштено, немало абнормално движење на преминот меѓу двете земји. „Ал Џезира“ ја пренесува загриженоста на аналитичарите дека отстранувањето на Мадуро би можело да ја фрли Венецуела во хаос, што потенцијално би резултирало со уште еден бран масовна миграција, како што беше забележано во 2019 година, по неуспешниот обид за негово отстранување. Жоао Карлос Јарочински Силва, професор по меѓународни односи на Федералниот универзитет во Рораима, рече дека потенцијалниот бран миграција би зависел од повеќе фактори, вклучително и дали ќе ја продолжи Вашингтон својата воена кампања во земјата и дали ќе се бори она што останува од режимот на Мадуро.
Ова е прва директна воена интервенција на САД во Латинска Америка по инвазијата на Панама во 1989 година, кога беше соборен тогашниот воен владетел, Мануел Нориега. Тогаш, како и сега, Вашингтон рече дека станува збор за поширока акција против криминалот и трговијата со дрога.
САД долго време го обвинуваат Мадуро дека раководи со криминална организација, што тој остро го негира. Притисокот врз венецуелската Влада се зголеми со почетокот на вториот мандат на Трамп, минатиот јануари. Прво американската администрација ја дуплираше наградата за информации што доведоа до апсење на Мадуро, а во септември американските сили почнаа да ги имаат како цел бродовите за кои велеа дека превезуваат дрога од Јужна Америка во САД. Имаше повеќе од 30 напади врз такви бродови на Карибите и Пацификот, при што загинаа повеќе од 110 луѓе. Додека Трамп тврди дека венецуелската Влада дозволува со парите од нафтата да се финансира криминал поврзан со дрога, а самиот Мадуро е водач на картел, Мадуро жестоко го негира ова и ги обвинува САД дека ја користат својата „војна против дрогата“ како изговор за да се обидат да го соборат и да пристапат до огромните нафтени резерви на Венецуела. Ситуацијата кулминираше во саботата, кога рано изутрина, во рамките на операцијата „Апсолутна решителност“, американските специјални сили и агенти на ДЕА извршија координиран напад врз стратешки цели во Каракас. Примарна цел беше лоцирање и апсење на претседателот Мадуро, кој заедно со сопругата среде ноќ буквално беше грабнат од постела.












