Македонската кошаркарска репрезентација со убедлива победа над Азербејџан (87:49) го започна претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година.

„Црвено-жолтите“ покажаа супериорност пред своја публика во СРЦ „Кале“ и во ниту еден момент не му дозволија на противникот да се понадева на позитивен резултат. Доминираа во секој аспект на кошаркарската игра, на крајот наградата дојде во „форма“ на убедлив триумф, како одлична увертира за она што следува понатаму во натпреварите од „А“ претквалификациската група за пласман на Евробаскетот.

Најефикасен во нашите редови беше Андреј Јакимовски со дабл-дабл ефект од 25 поени и 11 скока, а одлично издание имаше и капитенот Војдан Стојановски со 16 коша и 11 скока, како и Зеќири кој уфрли 17 поени. На своето деби за репрезентацијата на Македонија, Омари Мур дојде до скор од шест поени, исто толку скокови, но и девет успешни додавања до соиграчите.

Во наредното коло од групата „А“, на 30 ноември, нашата најдобра селекција ќе гостува во Даблин, каде следува дуелот против репрезентацијата на Ирска.











