Машката кошаркарска репрезентација на Македонија, во новиот циклус од претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2029 година, ќе има нови лица во своите редови. Откако се пофалија од Федерацијата дека ја реализирале идејата, нашиот сениорски тим треба да добие дополнително засилување.
Имено, селекторот Марјан Илиевски во иднина ќе ги има на располагање двајцата нови натурализирани кошаркари: Нејт Сестина и Омари Мур. Станува збор за евролигашки играчи, кои ги бранат боите на Олимпија Милано, односно на Валенсија.

Американецот Омари Камау Мур (25 години) беше дел од развојниот тим на Милвоки во 2023 година, како и на Торонто, од каде што се пресели во Европа, во тимот на Дарушафака. Во екипата од Турција одигра 30 меча, со просек од 15,7 поени, 5,3 скока и 5,5 асистенции. Ова лето го облече дресот на Валенсија, која игра во силната Евролига, добива солидна минутажа и за 20-ина минути минати на теренот бележи во просек од 13 поени.

Од друга страна, Нејтан Мајкл Сестина (28 години), како што гласи неговото целосно име, исто така Американец, во 2021 година беше најблиску до НБА-лигата, како играч на Лонг Ајсланд нетс (развојниот тим на Бруклин нетс). Својата професионална кариера во Европа ја започна како играч на Киев баскет во украинската Суперлига, продолжи со израелскиот клуб Хапоел Холон, по што за релативно кратко време се реши за преселба во Турција. Одличните игри го препорачаа во Турк телеком (на средината од 2022 година), а во наредната, 2023 година, следуваше потписот на кариерата, оној со турскиот гигант Фенербахче, што беше негова влезница за Евролигата. Следна станица во неговата евролигашка кариера беше Валенсија, каде што ја одигра ланската сезона и ја почна оваа. Но, пред еден месец, потпиша договор со најтрофејниот италијански тим, Олимпија Милано. Со своите 202 сантиметри, Нејт Сестина успешно може да игра на двете центарски позиции, што може да биде од голема помош поради дефицитот на играчи на оваа позиција во македонскиот состав.
Инаку, нашата репрезентација, во пресрет на новиот циклус и претквалификациските натпревари, ќе игра против репрезентациите на Азербејџан, Ирска и на Луксембург. Сестина и Мур, заедно со Џејкоб Вајли, ќе му се стават на располагање на нашиот машки сениорски национален тим уште за првите два натпревари во ноемврискиот ФИБА-прозорец, односно дуелите со селекциите на Азербејџан (на 27 ноември, во Скопје) и на Ирска (на 30 ноември, во Даблин).











