Македонската кошаркарска репрезентација ќе се обиде со новиот селектор, Шпанецот Жозеп Марија Берокал, да ги продолжи успешните настапи во претквалификациите за пласман на Евробаскетот во 2029 година, а за таа цел прво ќе мора дома да го совлада Луксембург (денеска 18:00 часот), а потоа да ја оправда фаворитската улога и на гости кај Азербејџан (понеделник).

Нашата селекција во изминатите два циклуси го имаше Џејкоб Вајли во составот, а сега, во улога на „заштитник на рекетот“, на располагање се стави кошаркарот на шпански Бургос, Етан Хап.

  • Ќе биде прекрасно да се вратам и да бидам дел од репрезентацијата. Сметам дека имаме навистина добри таленти во овој тим. Знам за новиот тренер и тој знае за мене. И досега спроведе неколку добри работи и стратегии во играта. А кога станува збор за Луксембург и за Азербејџан, мислам дека тренерот најдобро знае што треба, а ние треба само да се грижиме и да ги следиме неговите упатства. Но, сега е многу поважно да се подобриме, фокусирајќи се на тоа како сакаме да играме и потоа, за играта, да знаеме дека сме подготвени да дадеме 100 % од себе – истакна Хап.

Од друга страна, Андреј Јакимовски смета дека тимската игра и добрата хемија ќе ѝ донесат позитивен резултат на Македонија на овие два натпревара од претквалификациите.

Играчот на италијански Тренто максимално подготвен го дочекува новиот репрезентативен собир.

  • Мислам дека треба да продолжиме да ја градиме нашата тимска игра, нашата хемија. Сега, со помош на новиот селектор, да го поставиме тој систем на игра. Краток е периодот за подготовка, ама мислам дека ќе успееме. Досега не сме играле со Луксембург. Имаат доста добри играчи. Очекувам добар натпревар, а нашиот фокус е само на нас. И да ја подобриме нашата игра како што го направивме тоа во претходниот циклус – потенцира Јакимовски.

Дуелот со Луксембург е денеска во 18:00 часот, во салата „Градски парк“ во Скопје.

ИЗДВОЕНИ