
Средби со тајвански претставници ја ставија Македонија во фокусот на вниманието на Пекинг. Состанокот меѓу собраниската делегација предводена од потпретседателот на законодавниот дом, Антонијо Милошоски, и претставници од Тајван во македонскиот Парламент, отвори нова дипломатска напнатост, откако кинеската амбасада остро реагираше дека „овој тежок, погрешен чин го крши принципот ‘Една Кина’“, политичка обврска што Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина.
Милошоски одговори на ретко острата реакција од кинеската амбасада во земјава. Тој посочи дека „официјалната политика на Македонија кон НР Кина останува непроменета, со почитување на принципот на нивната сувереност и територијалниот интегритет на една Народна Република Кина“.
– Уверен сум дека заедничките проекти и соработката во сите области ќе продолжат со несмален интензитет, од кои двете држави како рамноправни партнери ќе имаат заемна корист, истакнува тој.
Љубезна куртоазна средба, без дипломатски предзнак
Пратеникот додава и дека избраните претставници во македонското Собрание имаат легитимитет и право да остваруваат средби со секој добронамерен поединец или делегација, водејќи се од духот на отворена размена на мислења за релевантни меѓународни теми.
– Средбата со претставниците од Канцеларијата на Официјален Тајпеј во Рим беше остварена како љубезна куртоазна средба, без никаков дипломатски предзнак и без никаква намера да се редефинираат односите или официјалната политика на Македонија кон НР Кина. Напротив, средбата беше во знак на благодарност за нивната поддршка на Универзитетската клиника за педијатрија и како можност за мирољубив и информативен дијалог. На средбата учество зедоа пратениците Рашела Мизрахи, Фатмир Битиќи и мојата маленкост, Антонијо Милошоски, одговори Милошоски и додаде дека различните мислења и ставови се нормална и очекувана појава во секое демократско општество и очекува претставниците на НР Кина ќе ја разберат оваа средба како можност за поголема информираност и за подобро разбирање на теми кои го привлекуваат вниманието на пошироката меѓународна дипломатска јавност.
Спикерот Гаши и амбасадорката Сјаојан ги „испеглаа“ недоразбирањата
Само еден ден по оваа средба што ја испровоцира острата реакција од Амбасадата на Народна Република Кина – во Собранието денеска се одржа и првата официјална средба меѓу претседателот Африм Гаши и новата кинеска амбасадорка во земјава, Н. Е. Џианг Сјаојан.
Во собраниското соопштение се наведува дека Гаши бил „дециден дека релациите меѓу двете земји се одлични, со голема почит кон традицијата, историјата, независноста и суверенитетот, со поддршка на концептот ‘Една Кина’“.

– Двете земји имаат долга историја на соработка, уште од нашата независност, три децении почит и соодветна комуникација. Кина, како втора светска економска сила, е најголемиот трговски партнер на нашата земја надвор од Европа. Во Собранието традиционално се формира Пратеничка група за соработка со Кина, која претставува линк меѓу парламентите на двете држави. Соработката се одвива на сите полиња, како економија, инфраструктура, бизнис, образование, култура, спорт, а во насока на нејзиното продлабочување во корист на граѓаните се и заложбите и иницијативите на амбасадорката Сиаојан, стои во соопштението.
Оттаму додаваат дека кинеската амбасадорка пренела покана до Гаши за посета на Кина од страна на претседателот на Сенародниот кинески конгрес, што било „прифатено и оценето како огромна придобивка во зајакнувањето на парламентарните односи“.
Во објава на „Фејсбук“, пак, собранискиот спикер нагласи дека разговорите биле насочени кон потврдување на традиционално добрите односи меѓу двете земји и кон можностите за нивно понатамошно продлабочување, посебно во областите на економијата, образованието и културата. Тој изрази благодарност за досегашната поддршка и за подготвеност за „уште подинамична, конструктивна и успешна соработка“ со Кина.
Тајван – црвена линија за Кина
Во острата реакција за средбата со, како што велат, „таканареченото ‘Претставништво на Тајпеј во Италија’ во зградата на Собранието“, преку отворено писмо до Милошоски, кинеската амбасада во Македонија вчера предупреди дека „овој тежок погрешен чин го крши принципот ‘Една Кина’“, политичка обврска што Македонија ја презеде при воспоставувањето дипломатски односи со Кина“ и „испраќа погрешен сигнал до сепаратистичките сили кои се залагаат за ‘независност на Тајван’“. Кинеската амбасада потенцира дека „прашањето за Тајван е јадрото на фундаменталните интереси на Кина и претставува црвена линија што не може да се премине“.

– Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија го изразува своето силно незадоволство и категорично противење. Тајван е дел од Кина. Тоа е историја и реалност. Единствената референција за регионот Тајван во ОН е „Тајван, провинција на Кина“. Тајван никогаш не бил држава, ниту во минатото ниту во никој случај ќе биде во иднина. Принципот на суверенитет претставува камен-темелник на Повелбата на ОН. Принципот „една Кина“ одамна стана универзално признат консензус на меѓународната заедница. Билатералните политички обврски и меѓународните обврски мора искрено и во целост да се почитуваат. Сепак, она што неодамна го видовме е несфатливо – инсистираната посета на Тајван во официјален капацитет, игнорирајќи ги постојаните силни приговори на Кина минатата година, и овој пат средбата со таканаречените претставници на тајванските власти во зградата на Собранието, национално законодавно тело – обезбедува платформа за политичка театралност на сепаратистичките сили кои се залагаат за „независност на Тајван“. „Имаме доволно причини да се прашаме во кој правец потпретседателот на Собранието има намера да ги насочи нашите билатерални односи?“, стои меѓу другото во реакцијата од амбасадата на Кина во Македонија, од каде што додаваат дека „никој, ниедна сила, не треба да ги потценува решителноста, цврстата волја и силната способност на кинескиот народ да ги заштити сопствениот национален суверенитет и територијалниот интегритет“.
И македонското Собрание вчера извести за средбата на Милошоски, Битиќи и Мизрахи со делегација од Тајван, и на „Фејсбук“ и на официјалниот собраниски сајт. По средбата со Гаши веќе беа недостапни објавите, прво на официјалниот сајт, а потоа и на социјалната мрежа.
Во исто време со спорната средба во Собранието, во главниот град се одржа и бизнис-форум за идните перспективи за соработка меѓу Македонија и Тајван, со цел продлабочување на економската, технолошката и институционалната соработка.
Македонско-кинеските односи го доживеаја најголемиот удар во 1999 година, кога земјата воспостави дипломатски односи со Тајван, што Пекинг го оцени како тешко нарушување на принципот „Една Кина“. Како реакција, Кина веднаш ги прекина дипломатските врски со Скопје, што доведе до сериозни политички и економски последици за Македонија. Под притисок на околностите и потребата од стабилни меѓународни партнери, Македонија во 2001 година ги прекина односите со Тајван и ги обнови врските со Пекинг. Оттогаш, односите постепено се стабилизираа, со акцент на економска и на инфраструктурна соработка, како и повторна потврда на македонската поддршка за принципот „Една Кина“. (В. С. Н.)











