Македонскиот олимписки тим на Зимските олимписки игри во Милано и во Кортина ќе биде составен од четворица натпреварувачи, најмногу досега на едни Зимски олимписки игри, двајца во нордиските и двајца во алпските дисциплини. Во нордиските дисциплини ќе нè претставуваат Ставре Јада и Ана Цветановска, додека во алпските дисциплини Јана Атанасовска и Виктор Петков. Нашите нордијци ќе настапат на 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари.

Ставре Јада: Подготвен сум за најдобри резултати

Ставре Јада е нашиот најискусен олимпиец и за него ова ќе биде трета Олимпијада, а пред заминувањето за Милано и Кортина, истакна дека е максимално подготвен и дека има големи амбиции за успех, поточно би сакал да го оствари својот најдобар резултат досега на Олимписките игри.

За мене, ова ќе биде трета Олимпијада, по онаа во 2018 година, кога го освоив 76. место во спринт класик, додека на 15 километри слободен стил завршив на 95. место. На Олимписките игри во 2022 година, во Пекинг, на спринт трката бев 86., а на трката 30 километри со масовен старт го освоив 56. место. На оваа Олимпијада во Милано и во Кортина, ќе се натпреварувам во спринт класик, каде што ќе се обидам да постигнам подобар резултат од оној на претходните Олимписки игри, додека на трката на 10 километри, која ќе се одржи на 13 февруари ќе се обидам да го постигнам мојот најдобар резултат, односно ќе бидам задоволен да завршам во првата половина од вкупниот број пријавени натпреварувачи. За оваа трка се пријавени 120 натпреварувачи, тоа значи дека би бил задоволен со пласман меѓу првите педесетмина. Но, морам да споменам дека сум подготвен и за подобар резултат и затоа се надевам дека ќе имам најдобри резултати на оваа Олимпијада.

Ана Цветановска: Во одлична форма сум

За нордиската претставничка Ана Цветановска, ова ќе биде втор настап на Олимписките игри, по оној во Пекинг, ќе нè претставува во спринт и 10 км интервал старт.  Таа беше нашата единствена претставничка на Светското првенство во Трондхејм во нордиско трчање и ја потврди формата со петтото место на силниот Балкански куп.

 

– Чест ми е што ќе присуствувам на овој настан и што сум дел од олимпискиот тим. На овие Олимписки игри, ќе се обидеме да ги нагласиме долгорочноста во овој спорт и интегритетот на нашата работа и да се претставиме во најдобро светло – кажа Ана пред  заминувањето на ЗОИ 2026.

Јана Атанасовска: Целта не е само настап туку и резултат

Младата Јана Атанасовска го држи рекордот за најдобар остварен резултат во историјата на македонското алпско скијање во женска категорија, со 30,56 освоени ФИС-точки.

– За мене, ова е голем успех. Настапот на Олимписките игри не е само остварување на сонот на едно младо девојче туку и голем чекор во мојата кариера. Одам таму максимално подготвена и верувам ќе ја пренесам формата од тренинзите на патката и ќе го остварам мојот најдобар резултат досега. Едноставно, целта не ми е само да настапам на трките во велеслалом и во слалом туку и да постигнам одличен резултат.

 

Виктор Петков: Очекувам одличен настап во велеслалом

Четврти наш натпреварувач е Виктор Петков, кој последен влезе во ова одбрано друштво откако Мирко Лазаревски падна на допинг- тестот направен во Австрија.

– Нормата ја исполнив и сега останува да дадам сè од себе во Кортина. Пред сè, би сакал да ја завршам трката, но, исто така, примарна цел за мене е резултат во топ-триесеттемина. Тоа би било одличен резултат за мене. Имам големи шанси за ваков успех, бидејќи претходно, на Светското првенство во 2021 година, кое, исто така, се одржа во Кортина, го освоив 36. место во велеслалом, во мојата најдобра дисциплина. Се надевам дека ќе имам и добар настап во најтехничката дисциплина слалом и ќе го остварам мојот најдобар резултат – вели Петков.    (С. Т.)

ИЗДВОЕНИ