Македонската спортска делегација ќе брои вкупно 203 члена, од кои 181 спортист на претстојниот Европски младински олимписки фестивал – ЕМОФ „Скопје 2025“, кој ќе се одржи од 20 до 26 јули во Скопје, Куманово и Осиек. Нашите млади спортисти ќе се натпреваруваат во 15 спортови, колку што брои и целата програма, што претставува историски момент за македонскиот спорт. Историски, пред се затоа што до сега ЕМОФ борел 12 спортови, а за првпат 15 оваа година. Исто така вреди да се спомене дека нашата селекција до сега имала најмногу 50-тина натпреварувачи на ова натпреварување, а сега ќе брои 181, на кои целта ќе им биде иста – ПРВ МЕДАЛ ЗА МАКЕДОНИЈА, и тоа на домашно тло, пред своја публика!

ФОТО: Петр Стојановски

На денешната прес-конференција, на која официјално беше промовиран македонскиот националниот тим, се обратија Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски, спортски директор на МОК и директор за спорт при ЕМОФ и Светлана Макаровска, шеф на мисијата на македонската делегација. Тие истакнаа дека искрено се надеваат на медал на нашите млади спортисти кои ќе бидат дел од овој голем настан. Инаку, знаменоносци за Македонија на отварањето на Фестивалот ќе бидат кајакарот Кристијан Смилев и одбојкарката Матеа Попоска.

  • Највредното нешто што Македонија го има, кога се во прашање младите спортисти, ќе биде дел од ЕМОФ. Сигурен сум дека меѓу нив се идните олимпијци и верувам, идните олимписки медалисти. Токму од тука се почнува, тие се годините кои секој еден од нив да се профилира како врвен спортист и сигурен сум дека ова искуство кое што сега ќе го доживеат, кога ќе станат олимпијци ќе можат достојно да се натпреваруваат со нивните врсници од Европа и светот. Оваа Олимпијада е многу значајна за нас, бидејќи до сега нашата земја нема освоено медал на ЕМОФ. Иако конкуренцијата е навистина голема, сметам дека сега е времето да се запишеме за првпат меѓу земјите кои имаат освоено медал, истакна претседателот на МОК, Даниел Димевски.

Димевски исто така додаде дека националните федерации имале голем придонес при селектирањето на натпреварувачите, и воедно дека истите ќе се претстават во најдобро светло.

  • Горди сме што успеавме да формираме квалитетна, сеопфатна, делегација. Морам да кажам дека и националните федерации дадоа максимален придонес, успеавме да ги избереме најдобрите во нивните генерации да не претсатвуваат и со сите услови кои ги имаме ние како домаќини верувам дека ќе се претставиме во најдобро светло. Ова е убедливо најголемиот спортски настан кој се случил во нашата држава, само спортисти и тренери се околу 4.300, судии и други официјални лица се уште 700, ВИП гости – 200, како и 800 волонтери. Ваква импозантна бројка е огромен предизвик за нас како комитет, за Македонија како држава, и секако, за сите нас ова е една шанса да се претставиме во најдобро светло, додаде Димовски.

Да го искористиме домашниот терен да дојдеме до медал!

Кајакот, како дел од 15-те спортови кои ќе бидат дел од ЕМОФ „Скопје 2025“, нуди најголема можност да се израдуваме на медал. Токму поради улогата во која се наоѓаме, тренерот Роберт Папазов ги откри своите очекувања кога е во прашање борбата за медали, иако нашата земја во овој спорт ќе настапи со еден, но вреден натпреварувач – Кристијан Смилев, кој ќе биде дел од К1-мажи.

  • Ние, со Кристијан Смилев, кој воедно ќе биде и знаменосец, ќе се натпреваруваме во најбрзата категорија (К1-мажи). Голем проблем ни е возрасната граница, бидејќи спортистите мораат да бидат од 15 до 16 години, па токму затоа имаме само еден кајакар во таа возрасна група. Имаме квалитетни кајакари во помладите и во постарите категории, но предиспозициите налагаа нешто друго, па затоа Кристијан Смилев е единствен натпреварувач во овој спорт. Исто така има четири дисциплини кои ќе се одржат на овие игри, но сметам дека ние во најдобрата и најбрзата, имаме инзвонреден натпреварувач. Станува збор за кајакар кој е меѓу најдобрите во Европа. Пред само еден месец освои прво место на Европскиот јуниорски куп во Италија, така да се надеваме дека предноста на домашен терен ќе ни донесе медал. Ќе има 66 натпреварувачи, што значи дека конкуренцијата е навистина голема, истакна тренерот на Смилев, Роберт Папазов.

И Осиек ќе стане „Скопје 2025“

Со 14 спортови во Македонија и еден во Осиек, Хрватска, ќе стартува 18-тиот Европски младински олимписки фестивал. Иако еден од спортовите ќе се одржи во Осиек, сепак истото натпреваување ќе го носи името ЕМОФ „Скопје 2025“. Станува збор за гимнастиката како спорт, бидејќи Македонија, според зборовите на спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, немала можност да го организира натпревари во гимнастика, па затоа овој спорт ќе се одржи во Осиек.

  • Македонија немаше услови да организра натпревари во гимнастика, па поради тоа овој спорт го предадовме на Осиек. Меѓутоа, официјалното име останува, така што овој настан во Осиек ќе го носи името „Скопје 2025“, истакна Богоевски.

За првпат 15 спортови на ЕМОФ

За првпат Европскиот младински олимписки фестивал, кој се одржува на секои две години, ќе брои 15 спортови (досега 12), а истиот ќе се одржи во три градови, Скопје, Куманово и Осиек. Секако главните случувања ќе бидат во нашиот главен град, бидејќи најмногу спортови ќе бидат во Скопје, како баскет, баскет 3Х3, ракомет мажи и жени (Јане Сандански и Кале), стрелаштво (Партизан, Карпош 4), пливање (Олимписки базен), таеквондо (Факултет за физичка култура), пинг-понг, одбојка мажи и жени (сала Борис Трајковски), атлетика (стадион Тодор Проески), кањон слалом (Матка). Од спотровите кои ќе бидат надвор од Скопје, уличен велосипедизам, планински велосипедизам ќе се одржат во Куманово, додека гимнастиката ќе се одржи во Осиек, Хрватска.

 

ИЗДВОЕНИ