“Доколку повторно се аплицира за учество на Евровизискиот фестивал, неопходно е да се направи добра стратегија. Но, тоа ќе биде дури таму во 2027 година. Засега, најдобро би било да вложуваме во домашните фестивали како што се: „Цветници“, “Валандово-фест“, “Макфест“ и „Скопскиот фестивал“, вака неофицијално се вели од МРТВ кои ја имаат лиценцата и сите права за настапот на државата на овој значаен Меѓународен музички фестивал со големо значење во шоу-бизнисот”.
Крајната одлука би била државата да не аплицира за натпреварот во Виена за наредната 2026 година, туку сите да се стрпиме, па да видиме што умно да направиме?
Инаку, Македонија во 2023-та, 2024-та и 2025-та година не беше дел од натпреварот најмногу поради финансиски причини, но и поради ограничени ресурси.
Последниот наш настап на Евровизија беше во 2022 година во Торино, Италија, но неславно завршивме. Со талентираната Андреа Коевска и песната „Circles“, а која беше избрана преку националниот избор во студиото на МТВ, не влеговме во Големото финале. Нејзиниот “настап“ зад сцената, пред настапот на самата сцена на многумина им се виде како скандалозен.
Андреа беше снимена како го фрла македонското знаменце на подот при фотосесијата со што предизвика лавина негативни реакции. МРТВ излезе со официјално соопштение, додека пејачката јавно се извини. Објасни дека немала намера да го навреди државниот симбол, туку станувало збор за момент на трема и недоразбирање.Но, сето тоа брзо се заборави.
Најдобриот резултат на Македонија за сега останува оној на Тамара Тодевска на изборот во Израел кога го освои одличното седмо место. Сега за сега, на таков успех ќе причекаме. Се разбира, доколку воопшто некогаш се вратиме на таа евровизиска сцена на која имавме повеќе разочарувања, отколку радости и среќа.
(Д.М.)












