Бројот на автомобили во земјава е речиси двојно зголемен, но просечната старост достигна 19,4 години. Повеќе од 80 проценти од увезените возила се половни, што значително придонесува за аерозагадувањето, особено во Скопје. Стручњаците предупредуваат дека токму ваквиот возен парк е меѓу главните причини за загадениот воздух, додека екомерките сè уште се одложуваат

 

Автомобилите се вториот најголем извор на загадување на воздухот во земјава, веднаш по оџаците од домаќинствата. Во исто време, возниот парк е и огледало на економската моќ и на животниот стандард на населението. Истражувањата покажуваат дека со порастот на приходите, граѓаните сè повеќе инвестираат во недвижности и движен имот, но македонската реалност покажува поинаква слика – сè повеќе автомобили, но сè постари.

Во изминатата деценија, повеќе од 80 % од увезените автомобили се половни. Годинава, на еден нов автомобил доаѓаат дури 3,5 половни. Иако бројот на регистрирани возила е речиси двојно зголемен – од околу 350 илјади во 2012 година на речиси 700 илјади во 2024 – просечната старост на автомобилите порасна на 19,4 години. Тоа значи дека на македонските патишта сообраќаат сè повеќе, но и сè постари возила. За споредба, во Европската Унија околу 12 % од автомобилите се нови, а 28 % се стари меѓу 10 и 20 години.

Овие бројки јасно укажуваат дека голем дел од граѓаните не можат да си дозволат купување нов автомобил или замена на старите возила. Скопје е посебна приказна – секое трето возило во државата е регистрирано во главниот град, кој учествува со преку 33 % од патничките и 38 % од товарните автомобили. Дизел-возилата доминираат со 63 %, бензинските паѓаат на 26 %, додека електричните и хибридните бележат забрзан пораст – само лани, бројот на електрични возила пораснал за 169 %, а на хибридните за 295 %.

Од Здружението за промовирање на електрични возила „Електромобилити Скопје“, велат дека ваквата состојба директно придонесува за аерозагадувањето. Според нив, не треба да изненадува фактот што возниот парк учествува со најмалку една четвртина од вкупното загадување на амбиенталниот воздух.

– Што може да се очекува од возила со просечна старост од 20 години, освен поголема потрошувачка и поголема концентрација на издувни гасови? За жал, кај нас, бизнис-интересите се, очигледно, поважни од здравјето на граѓаните. Никој не става ред на увозот на отпад – реагираат од „Електромобилити“.

Екоактивистите бараат радикални мерки – забрана за увоз на возила постари од 10 години и за оние под Еуро 5 стандардот. Тие предупредуваат дека старите автомобили испуштаат над 200 токсични и канцерогени соединенија, кои особено негативно влијаат врз здравјето на децата. Иако овие барања се на маса, Владата засега не најавува конкретни забрани, туку спроведува анализи.

За време на декемвриските аерозагадувања во Скопје, градските советници предложија сет мерки за сообраќајот – воведување електричен јавен превоз, забрана за движење на најголемите загадувачи во одредени денови и субвенции за ековозила. Советникот Горан Арсов побара отстранување на старите дизел-возила под ЕУРО 4, исклучување на такси-возилата што не ги исполнуваат стандардите и поддршка за електрични возила и екофлоти.

Дополнително, од „Електромобилити“ предлагаат редовно перење на улиците, воведување зони со ниски емисии и сезонски забрани за возила под ЕУРО 5 стандардот. Овие мерки веќе се применуваат во Софија, каде што од декември 2025 до февруари 2026 година важат строги ограничувања за влез на најзагадувачките возила во централните зони.

Во меѓувреме, новата регулатива на ЕУ за циркуларност на возилата, договорена во декември 2025 година, индиректно ќе влијае и врз Македонија. Целта е да се спречи извоз на најстарите и неисправни возила од ЕУ во трети земји. Тоа значи дека на македонскиот пазар би можеле да пристигнуваат половни автомобили во подобра состојба, но и по повисоки цени.

Од 1 септември 2025 година стапија на сила нови правила за увоз на возила, усогласени со европските стандарди. Воведувањето на системот WVTA (Whole Vehicle Type Approval) значи дека возилата одобрени во една земја на ЕУ ќе можат да се регистрираат без дополнителни тестирања. Се укинуваат и ТÜВ-потврдите од странски компании, а техничките проверки ќе ги вршат домашни овластени институции.

Со ова се поедноставуваат процедурите, но не се воведуваат построги еколошки ограничувања. Засега, увозот во Македонија останува регулиран според постојните правила – минимум Еуро 4 стандард за регистрација и важечки даноци и давачки. Стручњаците апелираат граѓаните внимателно да ги проверуваат техничката исправност и документацијата на возилата, зашто проблемите со загадувањето, очигледно, нема да се решат сами од себе.

Дизел-возилата доминираат на македонските патишта

Во последните десет години се намалува бројот на возила што користат бензин како погонско гориво. Ако во 2014 година нивниот број изнесувал 215.175 што претставувал удел од 58 % од вкупниот број, во 2024 година се намалил на 150.439 регистрирани возила, што е нешто под 26 % удел.

Истовремено, дизелот од 145.065 возила на улиците што е удел од 39 % во вкупниот број регистрирани автомобили во 2014 година, има континуиран пораст и се зголемува за речиси два и пол пати на 365.947 регистрирани возила во 2024 и удел од 63 %.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ