Македонија се вклучува во иницијатива за унапредување на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа

31

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ќе учествува на официјалната церемонија за потпишување на Меморандумот за разбирање и соработка за развој на пазарот на капитал, која ќе се одржи утре во Загреб, Република Хрватска.

Настанот се организира од страна на Министерството за финансии на Република Хрватска и претставува регионална иницијатива во која учествуваат земјите Хрватска, Бугарија, Унгарија, РС Македонија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.

Со потпишувањето на Меморандумот ќе се потврди заедничката определба за унапредување на соработката во областа на пазарите на капитал, преку подобрување на законодавството и регулативата, интеграција на инфраструктурата, дигитализација и хармонизација.

-Оваа иницијатива има за цел да испрати силен сигнал до инвеститорите, пазарите и меѓународните партнери дека земјите од Централна и Југоисточна Европа се посветени на координирани и усогласени реформи, како и на создавање услови за долгорочен и одржлив економски раст – соопштија од Министерството  за финасии.

Во рамки на настанот, министерката ќе учествува и на министерски панел, на кој ќе размени искуства и најдобри практики со своите колеги од регионот.

-Учеството на министерката Димитриеска-Кочоска на овој значаен настан претставува потврда за заложбата на Македонија за продлабочување на регионалната економска соработка и за активно вклучување во иницијативи кои придонесуваат за развој на пазарите и зајакнување на довербата на инвеститорите  – нагласуваат од Министерството за финансии.

 

ИЗДВОЕНИ