Кемал Монтено имаше навистина долга успешна музичка кариера, повеќе од 50 години. За тоа време сними огромен број тогашни грамофонски плочи, а речиси сите се продаваа во златни тиражи. Со неговиот медитерански шарм, со кој му беа обоени песните, и со неговата босанска душа, карактеристична за севдалинки, легендарниот Монтено создаде свој, оригинален музички стил, песни кои никогаш нема да се заборават, како на пример: „Што сам ти скривио, животе мој“, „Гори ватра“, „Лаж, све је било лаж“, „Напиши једну љубавну“, „Вино и гитаре“, „Није хтијела“, „Све док буде било и нас двоје“, „Што је љубав“, „Хиљаде марама бијелих“, “Поред мене“, „Спавај цвијете мој“… а, за босанската поп-група „Амбасадори“ и пејачката Исмета Дервоз ја напиша југословенската патриотска песна „Земјо моја“, која стана своевидна химна, со која, за жал, не успеа да замине на изборот за Песна на Евровизија. Сепак, на таа Евровизија настапи како композитор со песната „Гори ватра“, која ја испеа Здравко Чолиќ, на изборот во Луксембург. Има напишано хитови и за многу други сакани пејачи и групи: Тереза Кесовија, Неда Украден, Арсен Дедиќ, Зафир и Сенка, Оливер Драгојевиќ, Габи Новак, Данијела Мартиновиќ, Силвана Арменулиќ, Борис Новковиќ, Северина, Драган Стојниќ, Мики Јевремовиќ, Ханка Палдум, Махир Палош, Лепа Брена, Лола Новаковиќ, групата „Индекси“, Тома Здравковиќ…..
Во Македонија, на штипскиот „Макфест“, на македонски јазик ја испеа својата, за многумина, најемотивна балада во кариерата, „Кој да ти каже, Ивана“, песна која потоа стана и македонски евергрин и со која младите се вљубуваа. Исто така, на тогашниот, многу влијателен, Интернационален музички фестивал „Месам“ во Белград, победи триумфално како композитор со хитот „Мојата последна и прва љубов“, кој и денес се пее, а кој маестрално го испеа славната Тереза Кесовија. Кемал и Тереза, како тандем, ги освоија сите можни фестивалски награди за тој хит.
Славниот кантавтор беше дете од мешан брак. Татко му Освалдо Монтено е Италијанец, а мајка му Бахра муслиманка од Сараево. Тој беше во среќен брак со убавата Бранка, со која ги имаа синот Ѓани и ќерката Адријана, а потоа и внуците Лора и Лара. Монтено почина по тешка болест во Загреб, не можејќи да се избори со последиците од трансплантацијата на бубрезите. (Д. М.)












