Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, по официјална покана од секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт, ќе учествува на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (П-ТЕЦ), што ќе се одржи во Атина, Грција.

Настанот го организира Владата на САД во соработка со грчкото Министерство за енергетика, и претставува една од највлијателните платформи за енергетска соработка меѓу Европа и Северна Америка.

Во рамки на посетата Министерката Божиновска ќе има и средба со секретарот за енергетика на САД, на која ќе се разговара за можности за продлабочување на енергетската соработка, инвестиции во регионални енергетски коридори.

Во рамки на форумот, министерката Божиновска ќе присуствува и на прием организиран од Амбасадата на САД во Атина, на покана на амбасадорката Кимберли Гилфојл, во чест на американските секретари за внатрешни работи и енергетика и нивните тимови кои престојуваат во Грција како дел од програмата на П-ТЕЦ.

П-ТЕЦ форумот опфаќа теми како енергетската безбедност, нуклеарната технологија, инфраструктурното финансирање, природниот гас како нова карта на енергетска поврзаност во Европа и трансформацијата на енергетските системи во ерата на вештачката интелигенција.

Учеството на министерката Божиновска на овој форум е потврда за зголемениот интерес и позиционирање на Македонија во рамките на трансатлантските енергетски иницијативи, како и за континуираниот ангажман на Владата во насока на јакнење на енергетската стабилност, диверзификација на изворите и пристапот до нови технологии и инвестиции.

ИЗДВОЕНИ