Македонија прави голем чекор кон зелена и одржлива економија – Владата го усвои годишниот план за праведна транзиција за 2026 година, кој ветува нови работни места, преквалификација на работниците и поддршка за чиста енергија. Планот е насочен кон регионите зависни од традиционалните енергетски извори, обезбедувајќи дека економската и енергетската трансформација ќе бидат социјално одговорни и економски одржливи.

Според Министерството за енергетика, планот особено се фокусира на: отворањето нови можности за вработување, преквалификацијата и обуките за работната сила, зајакнувањето на локалната економија во регионите засегнати од затворање или редефинирање на индустриските капацитети, подобрувањето на институционалната рамка за мониторинг и координација на процесот.

Годишниот план за 2026 година е оперативен документ што ги дефинира конкретните активности, временската рамка, надлежните институции и потребните ресурси за реализација. Министерството за енергетика е задолжено да го објави планот на својата веб-страница и да го координира неговото спроведување, додека ресорните министерства и јавните претпријатија ќе ги имаат како приоритет активностите во своите годишни програми. Напредокот ќе се следи преку редовно известување за резултатите од спроведувањето.

Планот е усогласен со реформската агенда 2024–2027, националните климатски и енергетски стратегии и со обврските на земјата во процесот на транзиција од јаглен кон нискојаглеродни и обновливи извори на енергија. Тој обезбедува координиран и транспарентен пристап кон реализацијата на праведна транзиција, со цел одржлива економска трансформација без негативни ефекти врз заедниците зависни од традиционалните индустрии.

Праведната транзиција е социјално-економски процес, кој не значи само замена на јагленот со обновливи извори на енергија туку и обезбедување одржливи работни позиции, минимизирање на негативните ефекти врз заедниците и развој на нови економски активности што ги следат климатските и енергетските цели на земјата.

На регионално и на меѓународно ниво, праведната транзиција е клучен механизам за обезбедување дека никој не останува изоставен од процесот на енергетска трансформација, особено работниците и заедниците чии економии зависеле од традиционалните индустрии.

ИЗДВОЕНИ