Секој жител на Македонија генерира по 438 килограми отпад. Тоа се големи количини на отпад кои треба да бидат предмет на циркуларната економија. Во нашата земја постојат компании, како „Макстил“, „Кофиангел“ и „Цементарница Титан“ кои сериозно променуваат циркуларност во своето работење.
Македонија се дави во отпад, без разлика дали станува збор за оној што граѓаните го депонираат во и околу контејнерите, или истурениот на диви депонии. А од година до година количеството отпад што го произведуваме е во постојан пораст. Тоа го потврдуваат и статистичките податоци кои кажуваат дека лани биле создадени 790.866 тони отпад, а биле собрани 637.471 тон, од кои 546.866 тони или 85,8 % се мешан комунален отпад. Годишното количество создаден комунален отпад по жител во 2024 година изнесува 438 килограми.
Прецизните статистички податоци кажуваат и дека лани биле направени и 16.852 тони отпад од пластика, 12.347 тони од хартија и 2.435 тони метален отпад. Александар Стамболиев од EIT (Community Hub – Бизнис акселератор) вели дека тоа е големо количество отпад што треба да биде предмет на циркуларната економија. Тој посочува дека во нашата земја постојат компании, како „Макстил“, „Кофиангел“ и „Цементарница Титан“ кои сериозно променуваат циркуларност во своето работење.
– Имаме примери и од неколку македонски стартапи кои се на зачеток на креирање на свои производи кои произлегуваат од циркуларноста. Сметам дека имаме доволно ресурси кои што би можеле да се креираме во производствениот процес. Со паметно планирање каков тип на ресурс треба да се креира во производот, може да ја овозможиме токму циркуларноста во зелената економија и одржливоста – истакна Стамболиев.
Сè уште циркуларната економија е табу тема за повеќето домашни компании кои сметаат дека тоа е скап процес. Стамболиев нема сознание колку кошта тоа воведување.
– Тоа може да биде поттик заедно со државните институции да креираме проценка колку ќе чини. Воведување на циркуларноста не е процес кој започнува од некоја далечна иднина. Можеме во самата фаза на креирање на производите да ги одбереме токму тие ресурси кои имаат можност да се рециклираат. Така што секој чинител во економијата треба да започне сега и веднаш и да процени каков тип на ресурси користи и дали може да ги замени со друг тип на ресурси кои што се циркуларни. Кога ќе почнеме да креираме циркуларни ресурси ќе можеме да имаме полесен пристап до македонските циркуларни ресурси – нагласи тој.
Циркуларната економија ќе биде една од темите на претстојниот саем „Енерго-Технома 2025“, каде ќе се дискутира и за целокупниот отпад што се креира, што деловно, што индивидуално, може да стане ресурс во креирање на следен производ.
– Имаме пет панели на кои ќе ги кажеме македонските позитивни примери и ќе укажеме на позитивните примери на регионот, како да се овозможи циркуларност во производството и пристап до финансии. Обезбедени се говорници кои ќе ги кажат сите извори на финансирање што ѝ се достапни на македонската индустрија да се конвертира во зелена, циркуларна и одржлива – рече Стамболиев.
Марта Наумовска Грнарова од МАМЕИ (Македонска асоцијација на метална индустрија), посочи дека во денешно време е многу тешко една извозна компанија да остане конкурентна. Таа вели дека работите се многу променети во последните 15-20 години.
– Системот што треба една компанија да го задоволи за да биде конкурентна е многу комплексен. Тоа звучи страшно. Свесни сме дека сè е скапо, но, треба од самиот почеток на планирање на стратегија на компанијата да се размислува на ваков начин како што се циркуларноста и ресурсите за енергија. Тоа е едно море од стандарди, норми и правила што треба да се исполнат, но компаниите не треба да се плашат и за десет години ќе стане нормален и составен дел од секојдневието на сите нас, не само на компаниите – вели Наумовска Грнарова.
Таа очекува со воведувањето на давачката од 1 јануари 2026 година за јаглероден отпечаток, цената на извозните производи да бидат оптоварени, но дека компаниите за тоа се подготвуваат неколку години.
– Компаниите се подготвуваат на некој начин да се соочат со тоа. Но, тука доаѓа до израз партнерскиот однос со клиентот. Ако претходно на клиентот сте му дале некаква додадена вредност со која сте развиле повеќегодишни партнерски односи, не може да биде пресудно тоа што цената на производот ќе порасне. Секоја промена носи удари и секој размислува како да се справи со тоа – вели Наумовска Грнарова.
Во декември се очекува да биде познато колкава ќе биде давачката за јаглеродниот отпечаток кога нашата земја ќе договара со Европската комисија. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, деновиве истакна дека за нас тоа би бил некој микс од 45% од обновливи извори што се користи во процесот на производство и остатокот од јаглен и нафта и гас.
– Ќе има пресметка од секој добавувач колку ние правиме карбон отпечаток. Ние сме обврзани кавртално да подготвуваме извештај во кој што влегува и струјата од каде ја купуваме. Важно да се направи фонд во кој континуирано ќе се инвестира во обновливи извори за кога ние ќе ги праќаме нашите извештаи тој коефициент да биде помал што би ни влијаело на конкурентноста – вели Наумовска-Грнарова.
На годинашниот саем „Енерго-Технома 2025“, главниот фокус ќе биде ставен на одржливите решенија, технолошките иновации и конкретните придобивки за секојдневието на граѓаните. Ќе се одржи од 27 до 30 октомври во арената „Борис Трајковски“ во Скопје а ќе обедини повеќе од 40 реномирани изложувачи од земјата и регионот, како и над 20 стручни презентации и практични демонстрации.
– Годинава „Енерго-Технома 2025“ ќе го надмине форматот на класичен саем, на едно место ќе се соединат иновациите, науката, индустријата и јавноста. Саемот ќе понуди многу повеќе од изложбени штандови, ќе понуди идеи, партнерства и инспирација за иднината. Посебно сме горди што годинава ставаме акцент на одржливите решенија и вклучувањето на младите иноватори во целата манифестација – изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на „Скопски саем“.

Зависноста од еден извор е ризик од минатото
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, од форумот „Берлин Глобал Дијалог 2025“, порача дека концептот на енергетска безбедност во новиот геополитички контекст се менува суштински — од класичен пристап кон енергенсите, кон отпорни и зелени системи со долгорочна стабилност.
– Геополитичките промени нѐ научија дека зависноста од еден снабдувач претставува сериозен ризик. Затоа нашата стратегија е јасна – поврзување со повеќе пазари, изградба на интерконектори и зајакнување на стабилноста, дури и во услови на глобална неизвесност – рече Божиновска.
(С. Бл.)












