Македонија првпат добива методологија за енергетска сиромаштија

8

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини доби позитивен одговор од Секретаријатот на Енергетската заедница за драфт-верзијата на методологијата за мерење на нивото на енергетската сиромаштија. Во неговиот коментар е потврдено дека документот е во согласност со европските стандарди и со обврските што  произлегуваат од директивата (ЕУ) 2019/944, која ги задолжува земјите да воспостават и објават критериуми за утврдување на енергетската сиромаштија.

Тоа значи, како што соопшти Министерството, дека методологијата е целосно прифатлива за објава, а воедно претставува и прв ваков систематизиран документ во земјава што ќе овозможи реално мерење и следење на овој феномен.

– Со оваа методологија, првпат се воспоставуваат јасни критериуми за препознавање на ранливите домаќинства: ниските приходи, високите трошоци за енергија во семејниот буџет и ниската енергетска ефикасност на домаќинствата. Овие параметри ќе бидат основа за натамошни годишни програми за заштита на ранливите енергетски потрошувачи. Методологијата е важна, зашто ќе овозможи институциите да имаат јасна слика за обемот и за структурата на енергетската сиромаштија во земјата, ќе послужи како основа за креирање целни политики и мерки за заштита на домаќинствата што најмногу се соочуваат со тешкотии при обезбедувањето енергија и ќе придонесе за усогласување со европските практики и стандарди, како дел од пошироката агенда за енергетска транзиција и социјална одржливост – наведува Министерството.

Информира и дека веќе работи на следните чекори: подготвување годишна програма за заштита на ранливите потрошувачи, каде што методологијата ќе биде централна алатка за дефинирање на приоритетите и на интервенциите.

– Со оваа методологија, првпат систематски ќе ја измериме енергетската сиромаштија во земјава. Тоа ќе ни овозможи јасно да ги идентификуваме домаќинствата што се најпогодени и да креираме прецизни, целни мерки за нивна заштита. Нашата цел е никој да не биде оставен на маргините. Ова е голем чекор напред кон една поправедна и социјално одржлива енергетска политика. Со ова, Македонија прави значаен исчекор во градењето праведна енергетска политика, која се грижи за граѓаните и ја става во фокусот социјалната димензија на енергетската транзиција – вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

ИЗДВОЕНИ