Селекцијата на Данска ќе ѝ биде противник на фудбалската репрезентација на Македонија во полуфиналната бараж- пресметка за пласман на Светското првенство, кое ќе се одржи следната година, во САД, Мексико и во Канада. Пред ждрепката во Цирих, беше потврдено дека „црвено-жолтите“ ќе го одиграат полуфиналниот дуел на гостински терен, а, исто така, доколку ја елиминираат Данска, ќе го одиграат финалниот натпревар на гостински терен.
Подобриот од полуфиналната пресметка во Копенхаген за противник во финалниот дуел ќе го има подобриот од полуфиналната пресметка помеѓу репрезентациите на Чешка и Ирска.
Нашиот национален тим има одиграно три натпревари против селекцијата на Данска. Без победник заврши првиот официјален натпревар на „црвено-жолтите“ на меѓународната сцена. Реванш-дуелот од тој квалификациски циклус заврши со минимална победа на противникот.
Во 2013 година, Македонија одигра пријателски натпревар против националниот тим на Данска, кој заврши со убедлив триумф на нашата репрезентација од 3:0.
Дефинитивно, најголема опасност пред нашиот гол треба да биде фудбалерот на англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед, Расмус Хојлунд, кој ја одработува актуелната сезона како позајмен фудбалер во дресот на актуелниот шампион на Италија, тимот на Наполи.
Од другите репрезентативци, против Македонија се очекува да настапат и: Каспер Шмајхел (Селтик), Андреас Кристенсен (Барселона), Патрик Доргу (Манчестер ј.), Микел Дамсгард (Брентфорд), Мортен Хјулманд (Спортинг Л.), Пјер-Емил Хојберг (Марсеј)…
Полуфиналниот дуел во Копенхаген ќе биде одигран на 26 март, а финалниот натпревар е закажан за 31 март.
Бараж-двојки за пласман на СП 2026. ГРУПА А: Италија – С Ирска, Велс – БиХ; ГРУПА Б: Украина – Шведска, Полска – Албанија; ГРУПА Ц: Турција – Романија, Словачка – Косово; ГРУПА Д: Данска – Македонија, Чешка – Ирска.











