Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека новиот Закон за енергетика е објавен во „Службен весник“, со што, по предвидениот рок од денот на објавувањето, и официјално започнува неговата примена.
Овој системски, реформски и европски усогласен закон беше изгласан во Собранието со силна поддршка, претставувајќи нов темел на енергетската политика во земјата – закон со кој темелно се регулира овој сектор и кој нуди визија за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина.
– Новиот Закон за енергетика е резултат на посветената работа на домашните експерти од Министерството. Донесен преку инклузивен процес што ги вклучи сите релевантни чинители: институциите, експертите, операторите, бизнис-секторот, регулаторното тело и граѓанските организации – информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Со спроведувањето на новиот Закон, Македонија добива јасна и стабилна рамка за значајно зголемување на уделот на обновливите извори во финалната потрошувачка, повисока енергетска ефикасност и намалување на загубите, отворен пазар и активно учество на граѓаните како производители и потрошувачи на енергија, заштита на ранливите категории и намалување на енергетската сиромаштија, предвидлив амбиент за домашните и за странските инвестиции во нови енергетски капацитети.
Законот доби поддршка и од Секретаријатот на Енергетската заедница, што е голема потврда за посветеноста на нашата држава кон европските енергетски стандарди и интеграцијата во заедничкиот пазар на ЕУ.
Официјалната примена на Законот претставува почеток на конкретните активности за дигитализација, модернизација и за зелена трансформација на енергетскиот сектор, во насока на еколошка, економска и на социјална одржливост.
Министерството ќе продолжи со координирано и одговорно спроведување на сите одредби, со јасна цел: да се обезбеди стабилна, чиста и достапна енергија за сите граѓани и за стопанството.
Со овој Закон, Македонија прави важен чекор напред кон енергетска безбедност, зелен раст и европска иднина.