Македонија гласаше против Резолуцијата во ООН со која се бара САД да ги укине економските санкции кон Куба. Освен Македонија, против гласаа САД, Израел, Аргентина, Унгарија, Парагвај и Украина, додека воздржани беа Албанија, Босна и Херцеговина, Костарика, Чешка, Еквадор, Естонија, Латвија, Литванија, Мароко, Полска, Молдавија и Романија. Сепак, Резолуцијата, со наслов „Неопходност од прекин на економското, трговското и финансиското ембарго наметнато од САД против Куба“, беше усвоена со убедливо мнозинство — 165 гласа „за“, 7 „против“ и 12 „воздржани“.

Ова беше 33. пат по ред Генералното собрание да ја усвои истата резолуција, со која се осудува децениската американска блокада на Куба. Минатата година, документот беше поддржан од 187 земји, со само две против — САД и Израел — и една воздржана (Молдавија). Намалувањето на бројот на земји кои гласаат „за“, а зголемувањето на оние што се „против“ или „воздржани“, според оценките на ОН, укажува на одредено поместување во досегашниот речиси универзален консензус за поддршка на оваа резолуција.
Гласањето се одржа непосредно по ураганот Мелиса, кој предизвика значителни штети на Куба, што дополнително ја засили чувствителноста околу прашањето на економската изолација на земјата.
Ова не е првпат Македонија да гласа во согласност со ставовите на САД во рамките на ОН.
Во јуни годинава, земјата се воздржа при гласањето за резолуцијата која бараше итен прекин на огнот во Газа — став што го сподели со неколку европски држави, меѓу кои Албанија, Чешка, Словачка и Романија. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски тогаш изјави дека резолуцијата содржела елементи што биле спротивни на македонските национални интереси, посочувајќи дека проблемот бил „недоволно јасната дефиниција на Хамас“, што соодветствува со аргументите користени и од страна на американските и израелските претставници во ОН.
Контроверзии предизвика и одлуката на Владата во февруари да не ја поддржи европската резолуција за Украина, туку да заземе воздржан став и кон предлогот на ЕУ и кон оној на САД. Македонија и Унгарија беа единствените европски земји кои не гласаа „за“ документот што ја осудува руската агресија врз Украина.
Серијата вакви гласања покажува дека македонската дипломатија сè почесто се движи во насока на американската надворешна политика, дури и во случаи кога тоа значи отстапување од ставовите на Европската унија.












