Македонија поразена и на терен и на трибини

Неспортското скандирање на натпреварот во Куманово под истрага

2339

Полицијата и Обвинителството го расчистуваат антиалбанското скандирање на мала група навивачи за време на кошаркарскиот натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и Романија во реновираната спортска сала во Куманово што се одржа на големиот државен празник Илинден.

„Во СВР Куманово се повикани неколку осомничени со кои е извршен службен разговор и по извршени анализи во координација со надлежниот јавен обвинител ќе бидат преземени конкретни законски мерки против вклучените лица, вклучително и кривични постапки, најавија од Министерството за внатрешни работи каде Обвинителството уште во неделата издало наредба за обезбедување на снимки од ксенофобичното скандирање.

Речиси и да нема натпревар, особено ако е во прашање дерби, а да нема националистички скандирања на спортските трибини, велат спортски новинари за весникот ВЕЧЕР кои редовно ги следат клупските и националните натпревари. Совпаѓањето на големиот историски празник со натпреварот и присуството на премиерот Христијан Мицкоски придружуван од министри во Владата, можеби беа поттик повеќе за скандалозните пароли на групата навивачи за време на квалификациите за Светското првенство во 2027, велат нашите соговорници. Ксенофобичните скандирања и пароли на транспаренти се сликата од секој неделен натпревар, спортското навивање се заменува со говор на омраза од младите навивачи за кои е јавна тајна дека се наклонети кон одредена политичка партија.

Недоличното навивање од пред неколку години е уредено со посебен Закон за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари. Според членот 3 од Законот, една од формите на недостојно однесување е и „внесување и истакнување транспаренти, знамиња и други предмети со текст, слика, знак или други обележја, како и пеење на песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини. Законот предвидува на спортските натпревари да се ангажираат редари на кои една од задачите им е „да ги опомене, односно, отстрани гледачите кои можат со пеење песни или дофрлување навредливи пораки да предизвикаат и да поттикнат омраза врз основа на расна, национална и верска припадност“. Со глоба во износ од 600 до 1000 евра ќе се казни навивачот што ќе постапи  спротивно на одредбите од членот 3 на овој Закон. Во одредени случаи, Законот предвидува прекршочна пријава и за организаторот на натпреварот. Прашан за инцидентот од натпреварот помеѓу кошаркарските репрезентации, министерот за спорт, Борко Ристовски, рече дека како министерство не можеле да реагираат бидејќи не доаѓа од спортски субјект, апелираше да не се користат националистички навреди на натпреварите и најави поголема едукација на публиката. Настанот го осуди премиерот Мицкоски кој присуствуваше на натпреварот, но не ја забележал групата која пеела навредливи стихови.

„Да бидам искрен, додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа бидејќи стануваше збор за мала група луѓе. Но, исто така, еве, би сакал да ја искористам оваа пригода да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она што го поддржува ова Влада, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, изјави Мицкоски.

Амбасадорот на Албанија во Македонија, Денион Мејдани, исто така го осуди  настанот, и очекува највисоките власти да зборуваат јасно, силно и одговорно“, пренесе ТВ Клан. Реакција дојде и од претседателката на албанското Собрание, Елиса Спиропали.

И партиите со реакции за инцидентот. СДСМ повика на разум. „Апелираме до сите граѓани да не подлегнуваат на провокации и на насилен национализам кој намерно се активира секогаш кога се приближуваат избори. Не е првпат да гледаме како одредени структури ја разгоруваат омразата со една цел, да ги поделат граѓаните и да ја пренасочат дебатата од реалните проблеми. Слична реакција дојде и од ВМРО-ДПМНЕ. „Осудуваме секаков вид националистички испади и говор на омраза, без оглед од чија страна доаѓаат. Таквите злоупотреби одат во корист на сите политички струи и структури, кои со децении водат политика на омраза едни кон други, изјави Бране Петрушевски. Од ДУИ побараа оставки од Астрит Исени, заменик-министер за внатрешни работи, и од Сафие Садики Шаини, заменик-министерка за спорт, поради нивниот неуспех да реагираат, а од ВРЕДИ возвратија дека во минатото имало многу трагедии кои ги засегале и Албанците, но, дека во ниту една ситуација немало оставки на функционери од ДУИ.

Политичарите да не останат индиферентни бидејќи на тој начин го нормализираат говорот на омраза и придонесуваат за потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација, повикаа од Хелсиншкиот комитет.

„Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“, велат од невладината организација. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ