Македонија под вршник, температури над 42 Целзиусови степени!

Внимавајте: Топлото време и тропските горештини соборуваат и младо и старо

129
Поради топлото време, Владата во вторникот излезе со препораки за заштита од топлото време. На работодавачите им се препорачува до сабота да ги ослободат бремените жени и лицата постари од 60 години од работни обврски, а се овозможува и работа од далечина и флексибилно и двократно работно време онаму каде што е изводливо. Исто така, се препорачува да се одложи работниот процес во периодот од 11 до 17 часот за оние работници кои се изложени на директна топлина. Топлото време со висока температура и над 40. степен продолжува и деновиве, сè до недела кога се очекуваат пороен дожд и грмежи и опаѓање на дневната температура.

Топлото време ги испразни градските јадра, ја нема врволицата од луѓе на плоштадите и рестораните, а во Скопје, најмногубројни беа туристите кои редовно ја полнат старата скопска чаршија. Жителите сериозно ги сфатија предупредувањата од надлежните, повозрасните се во своите домови со затемнети прозорци и клима-уреди, а вработените, пак, особено ризичните професии, се оставени на милост на работодавачите во недостиг на владините мерки, само со препораките од Министерството за здравство.

Од итната медицинска помош за весникот ВЕЧЕР велат дека е зголемен бројот на млади луѓе кои колабираат поради високата температура, а вжештен е и бројот на повици на 194. Вчера температурата уште од рано наутро беше висока, а во текот на денот се искачи и до 42. степен. Според шефот на Итната медицинска помош, д-р Драган Панов, топлината ги соборила оние што биле директно изложени на сонце, особено во периодот од пладне до 17 часот. Се интервенирало низ трговските центри, автобуските постројки, институциите, а најчести биле случаите на колапс, како последица од прегревање и дехидратација.

– Покрај лицата со хронични заболувања, сѐ почесто се регистрираат и случаи кај млади и претходно здрави пациенти. Дополнително, значително е зголемен бројот на сообраќајни незгоди. Меѓу причините се невнимателно управување со возило, возење под дејство на алкохол, како и несоодветна заштита кај мотоциклисти и возачи на електрични тротинети. Истовремено, порастот на акутни состојби од кардиоваскуларниот и невролошкиот систем укажува на влијание од екстремната температура и зголемениот атмосферски притисок, вели д-р Панов.

Волонтери на Црвениот крст деновиве делат шишиња со вода на улиците, особено на автобуските постројки. Лекарите порачуваат дневно да се пие најмалку по два литри вода, да се јаде лесна храна, да се носи светла и тенка облека, редовно да се зема терапијата и да се избегнува излегување кога УВ-индексот е најголем. Семејствата кои не ги разладуваат домовите со клима-уреди, да ги затемнуваат со ролетни. Деновиве кога во регионот метеоалармот е на црвено, температурата е висока и во ноќните и утринските часови, така во Скопје и доцна навечер, живата во термометрите не се спушти под 30. степен. Здравјето на граѓаните дополнително се влошува од чадот од пожарите, кој периодов интензивно се чувствува, па загаденоста на воздухот со ПМ10 честичките измерени во Скопје достигна околу 120, што значи зголемување на ризикот од респираторни и срцеви заболувања.

Топлото време со висока температура и над 40. степен продолжува и деновиве сè до недела, кога се очекува пороен дожд и грмежи и опаѓање на дневната температура.

– До сабота ќе се задржи сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и насекаде ќе биде над просекот за месец јули. Во недела ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а дневната температура ќе биде во опаѓање, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Бремените и лицата постари од 60 години да не одат на работа

Поради топлото време, Владата во вторникот излезе со препораки за заштита од топлото време. На работодавачите им се препорачува до сабота да ги ослободат бремените жени и лицата постари од 60 години од работни обврски, а се овозможува и работа од далечина и флексибилно и двократно работно време онаму каде што е изводливо. Исто така, се препорачува да се одложи работниот процес во периодот од 11 до 17 часот за оние работници кои се изложени на директна топлина.

Овие препораки не важат за вработените во критичната инфраструктура, како што се здравството, полицијата, армијата, транспортот, енергетиката и јавните комунални претпријатија. Не само препораки туку и задолжителни мерки побараа од партијата Левица, од каде се повикуваат на Акцискиот план на ИЈЗ во кој стои дека со активирање на црвена фаза, состојбата бара итни мерки за заштита на населението.

– Да се донесат задолжителни мерки за ослободување од работни обврски на ранливите категории, лица над 60 години, хронично болните од кардиоваскуларни и респираторни заболувања, онколошките пациенти, лицата со дијабет, трудниците. Да се забрани работа на отворено во критичните часови (11:00 – 17:00), да се ангажираат и мобилизираат локалните самоуправи и Црвениот крст за згрижување на бездомници и обезбедување на јавни простори за ладење, да се засилат контролните механизми и да се санкционираат работодавците кои ги игнорираат мерките, бараат од Левица

Внимавајте на топлотен удар

Институтот за јавно здравје преку соопштение укажува на симптомите на топлотен удар, а тоа се вртоглавица, замор, вознемиреност, повраќање.

– Не смее да се дозволи на вработен со симптоми на топлинска болест да замине од работното место дури не се стабилизира, односно не добие соодветен третман. При симптоми на топлотен удар веднаш да се повика 194 или 112. Лицето да се префрли во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и прскање со вода. Да не се дава терапија додека не пристигне лекарска помош, а ако е во бессознание, да се постави во странична положба, информираат од ИЈЗ. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ