Работниците што работат во надворешни услови се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови со температури и до 41 степен, кои ја ставија Македонија под вршник последниве три дена. Најмногу се загрозени градежните работници, земјоделците, сообраќајната полиција, работниците за испорака и оние што работат слични дејност во надворешни услови. Од Сојузот на синдикатите на Македонија повикуваат да се почитуваат мерките предвидени со Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението 2025-2030.

Институтот за јавно здравје пред три дена излезе со препораки за заштита на здравјето на општата популација и на ранливите групи население, но и на оние што работат надвор.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), пак, побараа, преку јавни комуникации, редовно да се информира населението за состојбата со топлотниот бран, а во сите здравствени установи, пензионерските домови и во образовните институции да се активираат плановите за вонредни услови, кои, меѓу другото, предвидуваат ротирање на персоналот, како и да се обезбедат климатизирани простории за пациентите и за вработените.

Оттаму бараат да се разгледа можноста за одложување на работниот процес во критичните часови (11:00 – 17:00) за работниците изложени на директна топлина, ако има можност, да се работи од далечина или, пак, да се примени флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо.

– Работодавците да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно со Акцискиот план: простории со температура до 25°Ц, освен онаму каде што природата на работниот процес налага поинаку – потенцираат од ССМ и упатуваат препорака центрите за социјална работа, локалната самоуправа и Црвениот крст да ја интензивираат теренската поддршка на осамените, старите и на бездомните лица.

Од Институтот за јавно здравје препорачуваат вработените да имаат урамнотежена исхрана и да пијат најмалку 2 литра вода на ден, да избегнуваат алкохол и кофеин и да внесуваат електролити при засилено потење. Препорачуваат и редовен одмор, евентуално туширање и носење лесна, светла и памучна облека, како и заштитни очила за сонце и капи при работа на отворено. Меѓу мерките е и обврската за обезбедување климатизиран јавен превоз за граѓаните во текот на целиот ден.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вели дека инспекторите се веќе на терен и се вршат проверки дали работодавците ги почитуваат препораките за заштита на здравјето на работниците од топлотните бранови.

Меѓународната организација на трудот, во ланскиот извештај „Обезбедување безбедност и здравје при работа во променлива клима“, откри нови алармантни податоци за влијанието на климатските промени врз безбедноста и здравјето на работниците. Оттаму посочија дека како што се интензивираат климатските промени така работниците во светот ќе се наоѓаат под зголемен ризик од изложеност на опасности како прекумерна топлина, ултравиолетово зрачење, екстремни временски настани, загадување на воздухот, болести пренесени од вектори и агрохемикалии.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ