Од Џенова кон Македонија надоѓа огромен циклонски облачен систем кој ни носи голема промена на времето проследена со обилни врнежи од дожд, бурен јужен и југозападен ветер (до 90 км/час) локална појава на грмежи и локално силно невреме, особено изразено во западните предели од земјата, информираше од утрината порталот Метеоаларм.мк.
Во текот на денешниот ден, најмногу дожд наврна во Тетово и тоа 28 литри на метар квадратен до 16 часот, измерени на мерните станици на УХМР.
Ноќва и утре (понеделник 27 октомври) во претпладневните часови продолжуваат обилните врнежи и тие најобилни ќе бидат во западните предели каде локално ќе наврнат нови над 30 литри дожд на метар квадратен.
Попладне врнежите ќе престанат, а облачноста ќе се намали. Ќе дува засилен ветер од западен и северозападен правец, информираат од УХМР.












