Кина повторно го актуализира проектот за водниот канал Солун – Дунав со што реките Вардар и Морава би станале пловни. Според пишувањето на медиуми од регионот, Кина веќе води разговори со Србија, Македонија и со Грција, но конечна согласност сè уште нема.
Приоритет на Македонија е изградбата на брзата пруга, која ќе оди по текот на реката Вардар, но не се откажува и од проектот „Вардарска долина“ со 12 хидроцентрали. Експертите сметаат дека реката Вардар има годишен хидропотенцијал да наполни 2,5 преспански езера и дека предност треба да му се даде на проектот „Вардарска долина“, кој ќе може сам да се отплатува од приходите од продажба на струја
Кина го вади од нафталин проектот за водниот канал Солун – Дунав со што реките Вардар и Морава би станале пловни. Според досегашните студии што ги изработи „Чајна гежуба груп“, проектот, кој се проценува дека ќе чини 17 милијарди долари, е технички изводлив. Планираниот воден пат би тргнувал од Егејското Море во Грција и би поминувал низ Македонија и низ Србија и би се споил со Дунав, а тоа ќе изискува значителни градежни интервенции, продлабочување на коритата и отворање нови канали, вклучително и делници во региони како Прешевската Долина. Замислениот воден коридор има и еколошки предизвици бидејќи ќе треба да се направат промени во природните речни текови проследено со дислокација на објекти и на населението.
Кинезите сметаат дека со реализација на овој регионален проект кој ќе биде од големо геостратешко значење, транспортот на стоки од Азија кон Европа драстично ќе се скрати за околу 1.000 километри.
Според пишувањето на медиуми од регионот, Кина веќе води разговори со Србија, Македонија и Грција, но сè уште нема конечна согласност. Оттука, судбината на проектот зависи од политичката волја на балканските земји и од геополитичката рамнотежа во регионот бидејќи овој проект би ја зајакнал позицијата на Кина во Југоисточна Европа.
Балканскиот канал од Белград до Солун би бил со должина од 650 километри, а била предвидена изградба на вештачки канал долг 30 километри, кој ќе ги поврзе реките Морава и Вардар. Идејата не е нова, постои уште од 19 век од времето на Австроунгарската Империја, кога изградбата на пловен канал Дунав – Морава – Вардар – Солун е замислена како втора пловна магистрала, со која каналот Рајна – Мајна – Дунав ќе се поврзе со Егејско Море и патот од северна Европа до Солун би се скратил за 1.200 километри. Во 1907 година американска инженерска комисија го разгледувала истиот проект, но војните и политичките кризи во Европа повеќепати го одложуваа. Србија во 2013 година потпиша Меморандум за разбирање со „Чајна гежуба груп“ за изработка на студија за оправданост на пловниот пат.
„Вардарска Долина“ останува во игра
Плановите за во Македонија ги мати малиот проток на вода во реката Вардар. Македонските експерти го повторуваат фактот дека, од хидролошки аспект, овој проект е неизводлив низ Македонија. Тие сметаат дека Вардар е поројна река која во лето има проток од само 5 кубни метри вода во секунда и 200-300 кубни метри во време на поплави и со вакви видни варијации се смета за непогодна за организирање на воден транспорт. За споредба, Дунав има од 700 до 1.000 кубни метри проток на вода во секунда.
Поради овие причини, експертите сметаат дека за Македонија е изводливо да се изгради проектот „Вардарска долина“, кој предвидува 12 хидроцентрали по текот на Вардар. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, неодамна рече дека „Вардарска долина“ ќе ѝ донесе корист на државата и затоа таа не се откажува од овој проект за сметка на трасата на брзата пруга на Коридорот 10. Таа истакна дека е разговарано со министерот за транспорт за да се искачи трасата на пругата погоре над акумулациите, кои би се граделе во иднина, но, сепак, рече дека последниот збор за тоа ќе го имаат инженерите.
Изместување на делови од пругата за да бидат над нивото на планираните хидроелектрани ХЕЦ „Велес“ во должина од 23 километри, на ХЕЦ „Градец“ и на дел од десетте проточни ХЕЦ помеѓу Велес и Градец, кои се составен дел на проектот „Вардарска Долина“, е предложено уште во 1989 година, од работна група составена од стручни лица од надлежните тогашни министерства и институции. Дури се изработени и идејни решенија за изместување на пругата заради акумулациите на ХЕЦ „Велес“ и ХЕЦ „Градец“.
Побарано е да се изработи физибилити студија за техноекономската оправданост и испитување на можноста за заедничко вложување со странска компанија за реализација на проектот. Тоа е направено во 1994 година со формирањето на македонскиот конзорциум „Вардарска Долина“, при што се искористени искуствата од францускиот модел на уредување на реката Рона, како и истражувањето на експертите од ЦНР и ЕДФ од Франција. Студијата беше завршена во 1999 година. Македонскиот конзорциум што ја водеше и ја координираше студијата требаше да продолжи да ја води оваа проблематика, меѓутоа беше расформиран на почетокот од 2000 година.
Вардар, за една година, може да наполни 2,5 преспански езера
Професорот на Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, не се согласува дека е мал протокот на вода во Вардар. Според неговите пресметки, реката Вардар за една година може да наполни 2,5 преспански езера.
– При просечен проток од 174 м³/с во текот на една календарска година (31,5 милиони секунди), Вардар може да наполни волумен од 5,4 милијарди кубни метри, што е за 2,5 пати повеќе од сегашниот волумен на водата во Преспанско Езеро од околу 2,1 милијарди кубни метри. Засега само 25 % од хидропотенцијалот на Вардар е искористен за производство на електрична енергија, а со проектот „Вардарска Долина“ би бил речиси целосно искористен. На Македонија, секоја година, ѝ истекуваат низ Вардар најмалку 125 милиони евра чист и безризичен профит, а од друга страна мора да увезува скап грчки јаглен и скапа електрична енергија, особено во зима – вели професорот Трајковски.
Весникот ВЕЧЕР неодамна ја отвори дилемата дали да се гради брза пруга по вардарската долина или, пак, да се реализира проектот со хидроцентралите. Професорот Трајковски смета дека Владата упорно го турка мегапроектот за брза пруга, кој според него, е со докажан негативен економски ефект, а истовремено на истиот простор го упропастува и го потиснува проектот „Вардарска Долина“, кој е гарантирано профитабилен, критично важен за енергетската независност и стратешки корисен.
– Со алтернативата – 12 хидроцентрали со гарантирана профитабилност, за малку помала сума (1,8 милијарди евра) државата може да го намали увозот на струја за 50 %, да го балансира производството на фотонапонските и ветерните централи, да го намали потребниот капацитет за складирање на електрична енергија од обновливите извори на енергија, да создаде нов, стабилен извор на приходи за буџетот, да отвори илјадници работни места директно и индиректно, да го зголеми нашиот БДП, да го намали буџетскиот дефицит наместо да го зголеми, да ја намали зависноста од јаглен и гас и да ја зголеми енергетската независност и сигурност – смета Трајковски и додава дека за разлика од брзата пруга, „Вардарска долина“ е економски физибилен и ќе може да се отплатува самиот себеси од приходите.
Професорот смета дека како „зелен“ проект, „Вардарска Долина“ би можела да се гради со кредит од Европската инвестициска банка или КфВ банката, со каматна стапка од 1,5 % – 2%, за разлика од британскиот кредит на УКЕФ чија ефективна каматна стапка, заедно со премијата за ризик од 17,82 % и каматната стапка на британските фунти би достигнала 7 % и околу 1,1 милијарда поголем наместен трошок и екстра загуба.
(С. Бл.)












