Зоран Руди-Цеки, Мирослав Тодосовски-Миро и Кире Науновски се македонски финалисти во големото балканско ТВ-шоу, „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно) кое оваа недела со почетокот во 21.15 ќе го гледаме на фреквенцијата на ТВ Сител. Водителот е секако, како и секогаш харизматичниот Жика!
Зоран Руди-Цеки го знаеме и како фронтмен на групата „Бело копче“, а до финалето стигна благодарејќи им на огромниот број гласови по пат на „Фејсбук“. По тој повод се огласи самиот Цеки велејќи дека својата „авантура ја продолжува со гледачите, со пријателите“. – Среќен сум што знам дека со мене имам огромен број обожаватели, порача среќниот Цеки.
На неговите изјави се надоврзаа и оние што го сакаат, порачувајќи му дека е „македонска гордост, кој во срцето го носат сите чесни Македонци“.
Вториот финалист, иако доаѓа од Словенија, се смета за Македонец. Тоа е Мирослав Тодосовски-Миро, кој со години живее во Словенија, а неговата љубовна приказна со една Словенка започна пред 12 години кога лудо се вљуби во неа, останувајќи засекогаш таму. Убавата Словенка, поранешна тенисерка, е 12 години помлада од Миро, а наскоро таа и нашиот Македонец би требало да се остварат и како родители.
– Работев како келнер, продавав дури и весници на семафори како колпортер, мене ништо не ми е тешко да работам, вели среќниот Тодосовски. Најсилен впечаток на сите нас ни остави кога во една од поранешните емисии одлично ја испеа добропознатата песна „За Љиљану“ од репертоарот на Тома Здравковиќ, а која ѝ ја посвети на својата мајка.
Третиот македонски финалист е од Свети Николе, тој е Кире Науновски. Во ова шоу испеа неколку убави познати песни, а ни се чини дека најдобар впечаток остави со песната „Благујно дејче“ (во дует со пејачката Сара), од репертоарот на легендарната Есма Реџепова.
Тогаш во жирито беше и популарниот Харис Џиновиќ, кој занеме останувајќи без зборови во врска со маестрално пеењето на Кире! Инаку, пејачот неодамна настапи и на „Валандово фолк-фест 2025“ оставајќи одличен впечаток со своето пеење.
За сите оние кои во недела вечер ќе го следат ова мошне популарно ТВ-шоу, кое ќе се емитува во живо од Белград, да кажеме дека на нашите финалисти остра конкуренција ќе им бидат и: Денис Рапкиќ, Божидарка Здравковиќ, Оливера Тисен, Тања Аврамовиќ, Матија Заната, Маријана Солдат, Марко Јанковиќ, Милица Милиќ и Зорица Славиќ.
Да се потсетиме дека во 2023 година убедлив победник беше претставникот на Македонија, Павле Витанов, од Струмица. Тој тогаш освои 44.604 гласови или 34,5% од вкупниот број на гласовите.
– За време на короната, кога сите бевме затворени, свирев на „Фејсбук“, па луѓето ми пишуваа која песна сакаат да ја слушнат. И, стигнав до 44 илјади следбеници. Човек треба да проба сè, имаме само еден живот, кажа распеаниот оптимист Витанов, кој е препознатлив и по своите специфични мустаќи. (Д.М.) фото: архива