Македонската ракометна репрезентација со реми го заврши трунирот „Жолтиот Куп“ во Винтертур, откако на последниот меч против домаќинот Швајцарија одигра 29:29. Со овој резултат, избраниците на селекторот Кирил Лазаров, го освоија второ место на турнирот.
„Црвено – жолтите“ без пораз, со две победи и едно реми ќе отпаруваат на Евопското првенство во Данска, Норвешка и Шведска. Но, македонската експедиција во Хернинг ќе одигра уште еден контролен натпревар против данскиот прволигаш Митјилнд, кој воедно ќе биде последна проверка пред дуелот со светскиот шампион – Данска на 16. јануари.
На средбата против Швајцарија „црвено – жолтите“ покажаа борбеност и карактер, бидејќи се најдоа на чекор до победа, откао во самиот финиш останаа со двајца играчи помалку на теренот. Митев беше клучниот играч во последните два напади и погоди во поседната секунда за реми, а мечот го заврши со пет гола. Митревски имаше седум одбрани, додека Томовски го заврши натпреварот со пет интервенции. За МВП на турнирот беше прогласен капитенот на македонската репрезентација Филип Кузмановски. Тој одигра одлично во трите натпревари и постигна вкупно 17 погодоци. По добивањето на признанието, Кузмановски го анализира одиграното и го најави она што следува.
„Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчите за борбеноста на овој турнир, мислам дека тие се најзаслужни за мојата награда. Нашите цели што ги замисливме пред почетокот на турнирот ги исполнивме. Формата ни расте, а имаме доволно време да се подготвиме за тоа што не очекува на Европското првенство во Данска.
Некои детали ќе треба да се поправат пред стартот на шампионатот. Се обидовме со некои формации во одбраната. Имаме и некои новости како ќе им парираме на противниците, ама клучна треба да ни биде одбраната. Треба да бидеме борбени, да играме еден за друг како што одигравме во второто полувреме со Украина и во дуелот со Швајцарија. Наш адут треба да бидат нападите од полуконтрата. Оваа репрезентација треба да трча, мислам дека сме максимално подготвени и ќе одговориме на предизвикот“, изјави Кузмановски.
Македонија така турнирот го завршува со два победи над Украина и Бахреин во првите две кола и едно реми. На Европското првенство кое го почнуваме на 16-ти јануари, прво ќе играме против домаќинот Данска, а во нашата група се уште и Португалија и Романија. Само првопласираните две селекции од секоја група ќе обезбедат место во главната фаза на шампионатот.
ЕХФ ги суспендираше најдобрите македонски судии
Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја повлече номинацијата на најдобрите македонски судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои останаа без можност да судат на Европското првенство, кое се игра од 15 јануари до 1 февруари.
ЕХФ соопшти дека за време на подготовките за ЕП, сите судиски двојки мора да ги исполнат барањата и да поминат фитнес тест. Начевски и Николов се обвинети од Куќата на ракометот дека наводно го лажирале фитнес тестот и поради тоа се суспендирани од претстојното ЕП.
„Овој процес е осмислен со цел да се обезбеди физичката подготвеност на судиите и нивната усогласеност со перформансните стандарди на турнирот. Тој вклучува доставување на две видео-снимки од т.н. „Мултистејџ фитнес тест“ – едната направена осум недели, а другата четири недели пред почетокот на ЕХФ ЕУРО. Снимките ги оценува фитнес-партнерот на ЕХФ, компанијата „Фитгуд Про“.
По доставувањето на видеата од страна на Николов и Начевски, Европската ракометна федерација кон крајот на декември беше известена дека поднесените снимки можеби биле изменети и дека не претставуваат веродостоен и целосен запис од тестот.
Поради тоа, ЕХФ го подложи материјалот на дополнителна анализа од експертите на „Фитгуд Про“, а снимките беа предадени и на интегритетниот партнер на федерацијата“, објавија од ЕХФ.
Европската куќа на ракометот, исто така, најави дополнителна истрага по која ќе објави и дополнителни детали за случајот.












