EPA/Stian Lysberg Solum NORWAY OUT

Селекторот на португалската ракометна репрезентација, Пауло Переира, ги предупреди своите играчи дека ќе ги очекува тешка задача да ја минат првата фаза од Европското првенство во Данска, Шведска и во Норвешка.

Португалците во првото коло ќе се сретнат со Романија, потоа, на 18 јануари, ќе ги одмерат силите со Македонија, а за 20 јануари е закажан нивниот дуел со домаќинот Данска.

„Европските Бразилци“ пред две години славеа рутински на квалификацискиот двомеч со Македонија (23:29 во Скопје, 32:27 во Португалија), но Переира ги предупреди дека ќе мора да одиграат уште подобро од тие два натпревари, бидејќи нашата национална селекција напредуваше во изминатиот период.

– Македонија е репрезентација што, исто така, ја познаваме, игравме против неа, иако можам да кажам дека тоа не е истата селекција од пред две години. Селекторот Лазаров работи со оваа екипа веќе извесно време, гради сериозен проект и ќе мораме да бидеме внимателни. Имаме одредени информации од нивните последни натпревари, Македонија дефинитивно е ривал против кого ќе мораме да бидеме внимателни. Мораме да се подготвиме максимално, верувам дека ќе биде така, бидејќи математички, со две победи над Романија и Македонија во првите две кола, би имале обезбедено пласман во следната рунда – изјави Переира.

Во меѓувреме, избраниците на селекторот Кирил Лазаров го одиграа последниот пријателски натпревар пред Европското првенство и забележаа победа над екипата на Мидтјиланд (36:27). На оваа неофицијална средба против машкиот тим од Данска, нашиот национален тим успеа убедливо да слави. Со добра игра, Македонија уште на полувремето водеше, иако минимално со 14:13.

Лазаров им даде шанса на сите ракометари, а тие одговорија со добра игра, далеку подобра во второто полувреме. Со таков развој на настаните, нашата селекција забележа висока победа на крајот.

Во подготвителниот период, Македонија тргна со пораз од Хрватска, а потоа, на „Жолтиот куп“, ги победи Бахреин и Украина, додека ремизираше со Швајцарија.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ