Како што американскиот претседател, Доналд Трамп, им ја олесни работата на европските лидери од носење тешки одлуки во однос на Гренланд, откако се откажа од најавените дополнителни царини, така ги поштеди и македонските власти – земјава не доби покана да се приклучи кон Одборот за мир што во Давос го формираше токму Трамп. Доколку пристигне таква покана, Македонија ќе остане на средина – ќе мора да се консултира со своите европски партнери, кои не го одобруваат проектот на нашиот стратешки партнер. Иако, во текот изминатиот период, земјава во неколку ситуации покажа дека цврсто стои зад одлуките на Вашингтон, усогласеноста со надворешната и безбедносна политика со ЕУ, како стратешка определба, останува клучен ориентир во креирањето на македонската дипломатија. Токму затоа, евентуалното приклучување кон иницијативи што не уживаат поддршка од Брисел би ја ставило Македонија во чувствителна позиција на балансирање меѓу двата најважни надворешнополитички столба – европската интеграција и стратешкото партнерство со САД.
Во таков контекст, формирањето на Одборот за мир во Давос отвори нова геополитичка димензија и дополнителни дилеми за земјите што се наоѓаат меѓу Вашингтон и Брисел.
Повелбата е во сила
Со потпишувањето на актите за пристапување на земјите основачи, на маргините на Светскиот економски форум во Давос официјално стапи на сила Повелбата на Одборот за мир, со што ова тело доби статус на меѓународна организација. Иницијативата е предводена од американскиот претседател, Доналд Трамп, кој и ќе претседава со новоформираниот одбор, соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
– Повелбата сега е во сила. Одборот за мир сега е официјална меѓународна организација, изјави Левит на церемонијата во Давос, на која присуствуваа бројни светски лидери и високи дипломати.
Трамп, обраќајќи се на настанот, порача дека Одборот за мир треба да функционира „во соработка со Обединетите нации“, но не ја исклучи можноста тој, со текот на времето, да преземе поширока улога во решавањето на глобалните конфликти. Според него, првичната цел – надгледување на прекинот на огнот во Газа – е веќе надмината, а телото ќе се занимава и со други жаришта ширум светот.
– Денес е многу возбудлив ден и сите сакаат да бидат дел од него. Одборот за мир е едно од најважните тела создадени некогаш и ми е чест да претседавам со него. Денес светот е побогат, побезбеден и многу помирен отколку што беше пред само една година. Кога овој комитет ќе биде целосно формиран, ќе можеме да правиме практично сè што сакаме и ќе го правиме тоа во соработка со Обединетите нации. Секогаш велев дека Обединетите нации имаат огромен потенцијал. Тие не го искористиле, но постои огромен потенцијал, ја пренесе „Гардијан“ изјавата на Трамп.
На церемонијата присуствуваа американскиот државен секретар, Марко Рубио, специјалниот пратеник, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, како и лидери и високи претставници од околу триесет држави. Според податоците на американската администрација, околу 35 земји од вкупно 60 поканети, се согласиле да ја потпишат повелбата, додека дел од државите побарале дополнително време поради внатрешни политички и уставни процедури.
Унгарија, Бугарија и Косово на линија со Трамп
Документот со Трамп го потпишаа официјални лица, генерално, од земјите од Блискиот Исток, помал број европски и азиски земји. Не учествува ниту една западноевропска земја.
Од земјите во регионот, во Одборот на Трамп се приклучија Бугарија и Косово, а според информациите, покани добиле и Хрватска и Словенија, но не прифатиле, како и Албанија, чиј премиер, Еди Рама, ја поддржа иницијативата, но вчера не присуствуваше на церемонијата. Србија, како и Македонија, не доби покана.
Вчера, својата лојалност кон американскиот претседател ја покажаа Виктор Орбан од Унгарија и Хавиер Милеи од Аргентина, додека италијанската премиерка, Џорџа Мелони, не се приклучи веднаш на иницијативата за „Одборот за мир“. Таа истакна дека Италија има „уставни пречки“, земјата е отворена и заинтересирана за проектот, но потребно е повеќе време за правна и уставна проверка пред да донесе конечна одлука.
Официјални лица од Бахреин, Мароко, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Индонезија, Јордан, Казахстан, Косово, Пакистан, Парагвај, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан и Монголија, исто така, го потпишаа документот со Трамп. И израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, најави дека ќе се придружи, но не беше на церемонијата. Скандал за европските лидери беше и тоа што покана доби и рускиот претседател, Владимир Путин.
Истовремено, неколку клучни сојузници на САД, меѓу кои Франција, Велика Британија, Шведска, Норвешка и Словенија, засега одбија приклучување, изразувајќи загриженост дека новото тело би можело да создаде паралелна структура и да ја поткопа улогата на Обединетите нации како главен глобален медијатор.
Токму овие резерви ја прават позицијата на земји како Македонија особено чувствителна. Иако Скопје не доби покана во Давос, евентуалното идно вклучување во Одборот за мир би значело внимателно дипломатско калкулирање меѓу лојалноста кон стратешкиот партнер САД и обврската за усогласување со заедничката надворешна политика на Европската Унија – избор кој, по Давос 2026, станува сè поактуелен.
Одборот за мир беше првично наменет да собере мала група светски лидери за да го надгледуваат прекинот на огнот во Газа, но се трансформираше во комитет за решавање и на други светски конфликти.
Во Извршниот одбор се именувани државниот секретар на САД, Марко Рубио, специјалниот пратеник, Стив Виткоф, поранешниот британски премиер, Тони Блер, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. (В. С. Н.)












