Македонската ракометна репрезентација по деветти пат ќе настапи на едно Европско првенство, овој пат во Данска, Норвешка и во Шведска, шампионат што ќе почне денеска и ќе трае до први февруари, кога ќе бидат познати и освојувачите на медали.

„Цевено-жолите“ ќе настапат во Б-групата во Хернинг, против репрезентациите на Данска, Португалија и на Романија и ќе имаат многу тешка задача да се пласираат во главната фаза на шампионатот, бидејќи само првопласираните две селекции од секоја група ќе одат понатаму. Данска, освен што е домаќин, е и прв фаворит за златниот медал, а Португалија е петти фаворит за освојување на шампионатот. Што се однесува до Романија, таа е аутсајдерот во нашата група.

Дополнителен притисок за избраниците на селекторот Кирил Лазаров е тоа што на последните три првенства, поточно откако настапуваат 24 селекции на континенталниот собир, ја немаат поминато групата. Во 2020 година завршивме на 15. место, две години подоцна бевме на 22. место, а во 2024 година го освоиме 17. место.

Македонија првпат настапи на едно Европско првенство во 1998 година, во Италија и, како дебитант, заврши на последното место. Потоа имавме дванаесетгодишен пост од континенталните шампионати, по што се вративме на големата сцена во 2012 година, во Србија, каде што и го забележавме најдобриот резултат – петтото место. Две години подоцна бевме десеттопласирани, додека во 2016 и во 2018 година го освоивме 11. место.

Македонија го отвора шампионатот утре во 20:30 часот, против селекцијата на Данска, а потоа ѝ следува меч со Португалија и на крајот со Романија.

– Првиот натпревар го играме против најдобрата екипа во светот во последните 10 години, Данска, и возбудени сме што ќе играме против неа. Таа е домаќин, тоа ќе биде многу тешко за нас, но немаме што да загубиме на овој натпревар и ќе се обидеме да уживаме на мечот. Им зборував на моите млади играчи дека ќе биде ново искуство да се игра во земја што го сака ракометот, можеби, тоа е најдобриот спорт. Во други земји, најпопуларен е фудбалот, но таму, во Данска, важен е фудбалот, но ракометот е на прво место. Тоа е големо искуство за сите – истакна Лазаров.

Лазаров беше објективен околу целите и тежината на групата, во која доминира токму Данска.

– Мораме да бидеме многу искрени. Секој има амбиции и секој сака да победува, но мора да знаеме дека имаме многу тешка група, играме против Данска, во Хернинг. Мораме да уживаме. Мислам дека сме добро подготвени за овој турнир, многу сме возбудени и чекаме да започне првенството за да видиме каде сме во моментов со квалитетот и со доброто искуство – заврши Лазаров.

 

Н: Ако добро се покажат, ракометарите ќе бидат богато наградени

Ракометната федерација на Македонија (РФМ), во соработка со Министерството за спорт, обезбеди премија од два милиони денари за секоја победа, како и дополнителни два милиони денари за пласман во главната фаза на Европското првенство.

– Играњето за репрезентацијата е чест, но и огромна одговорност. Убедени сме дека нашите ракометари ќе настапат со мирна глава, силна мотивација и со максимална посветеност на Европското првенство, кое ќе се одржи во Данска, Шведска и во Норвешка, од 15 јануари до 2 февруари.

Континуитетот на настапи на големите натпреварувања е доказ за сериозната работа, истрајноста и за македонското срце. Во соработка со Министерството за спорт, ќе биде обезбедена премија од два милиони денари за секоја победа, како и дополнителни два милиони денари за пласман во втората фаза на ЕП 2026.

Играјте храбро и со срце – Македонија е со вас! – велат од Ракометната федерација на Македонија.

 

ИЗДВОЕНИ