Македонија на пат кон Брисел со брзина на уставни измени

По изборите, Владата најавува нова динамика во надминување на спорот со Бугарија и бара гаранции од ЕУ дека уставните измени ќе бидат последното условување. По ваквите пораки што минатиот месец ги упати премиерот Христијан Мицкоски, денеска и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, најави дека постои сериозна политичка волја за придвижување на процесот. Опозицијата, пак, преку своја резолуција црта нови црвени линии и рокови за исполнување на европската агенда. Мицкоски е дециден дека ќе има придвижување, но без компромиси за националниот идентитет

636

По завршувањето на изборниот циклус и со почетокот на новата година, Владата најавува конкретни чекори во насока на надминување на спорот со Бугарија, но и обезбедување гаранции од Европската Унија дека уставните измени ќе бидат последното барање на патот кон полноправно членство. По ваквите пораки што минатиот месец ги упати премиерот Христијан Мицкоски, денеска и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, најави дека постои сериозна политичка волја за придвижување на процесот. Муртезани потврди дека кај премиерот и кај Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија и дека веќе има конкретни размислувања како да се направи тоа, но не сакаше да открие повеќе поради тоа што во моментов тече кампањата за локалните избори и напомена дека сето тоа може да се извади од контекст.

– Претседателот на Владата во неколку наврати јавно изјави дека по завршувањето на изборите, односно со почетокот на Новата година се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Мислам дека во моментов, бидејќи се наоѓаме во изборна кампања, сè што ќе кажеме може да се стави во одреден контекст и да го наруши и да му наштети на процесот. Тоа што е битно и што е главната порака на ваквите изјави е дека кај премиерот и кај Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност по изборите да се направат конкретни чекори за надминување на овој проблем. Тоа што можам сега да кажам е дека има размислувања за тоа какви чекори треба да се преземат, но целиот фокус сега е на изборната кампања и не може да се очекува тие размислувања да добијат форми на конкретни предлози, изјави  министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот фински колега Јоаким Странд.

И финскиот министер за европски прашања, Јоаким Странд, на заедничката прес-конференција со Муртезани, изрази надеж дека нема да има билатерални прашања кои ќе го попречат процесот на проширување во иднина.

– Се надевам нема да гледаме премногу билатерални прашања кои ќе го попречат процесот на проширување на ЕУ во иднина. Jа поттикнуваме Северна Македонија да оди напред кон отворање на првиот Кластер што е можно побрзо, како и да ги усвои уставните измени што беа договорени, порача вчера Странд од Скопје.

На средбата, двајцата министри разговарале за клучните теми за иднината на земјава и регионот, при што Муртезани го информирал Странд за процесите поврзани со Планот за пораст на ЕУ за Западен Балкан, кој, како што кажа, не е само финансиски инструмент, туку и стратегија која ја приближува нашата економија и институциите до ЕУ и пред да станеме членка.

На брифинг со новинари пред две недели, премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекува на почетокот на следната година да се придвижат работите во делот на гаранциите дека уставните измени ќе бидат последното барање на нашиот пат кон целосно членство во Европската Унија. Мицкоски разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, откако Кошта, за време на посетата на Софија, порача дека е крајно време Македонија да добие некакви гаранции дека нема да има нови барања за продолжување на европскиот пат. Кошта и Мицкоски се согласиле дека уставните измени треба да бидат последното барање на нашиот европски пат и да се добијат некакви гаранции за тоа.

– Сепак, за да се реализира тоа, треба да има и притисок од некоја од посилна страна. Очекувам придвижување на почетокот на идната година по завршувањето на божиќните и новогодишните празници во делот на давањето гаранција дека уставните измени ќе бидат последното барање од Бугарија, рече тогаш Мицкоски.

Ставот на премиерот е дека Владата ќе покаже јасна политичка волја за изнаоѓање решение со Бугарија, но без отстапување од националните интереси и идентитетските позиции на Македонија.

Во меѓувреме, опозицискиот СДСМ претстави предлог-резолуција за црвените линии во евроинтеграциите на земјава, според која Уставните измени за внес на Бугарите во Преамбулата треба да бидат изгласани до 10 февруари идната година, а веднаш потоа Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска и да побара од ЕК најдоцна до 15 истиот месец земјава да го отвори првиот кластер, Темелни вредности. Во документот стои и дека јазикот, идентитетот, историјата и културните особености се црвените линии и за нив не се преговара со Европската Унија. При презентацијата на документот, лидерот на Социјалдемократите, Венко Филипче, рече дека очекува сите политички чинители да покажат политичка зрелост, да дадат свои забелешки и овој документ да не се злоупотребува во предизборниот период.

Запрашан дали ги прифаќа црвените линии на Филипче, Мицкоски рече дека не прифатиле негови црвени линии туку дека прифаќа македонски црвени линии и посочи дека ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија, ќе направи една вистинска резолуција, но како подлога ќе ја искористат резолуцијата на СДСМ.

– Преку собраниските комисии по завршувањето на локалните избори ќе формираме т. н. македонска резолуција која ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ, како и неговите двајца претходници, продолжува по таа патека, рече тогаш Мицкоски.

На адреса на Филипче и вчера пристигнаа обвинувања од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Бране Петрушевски, на прес-конференција го повика лидерот на СДСМ да каже што договорил со Бугарите и кој бонбона-бизнис им го нуди, кога веќе еднаш подметнал француски предлог. Петрушевски му порача на Филипче ако е искрен, да застане зад позициите на Владата.

И лидерот на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, на партиска конвенција рече дека од презентираното, му личи дека овој документ е напишан во Софија, а не во Скопје. (В. С. Н.)

 

ИЗДВОЕНИ