вторник, февруари 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонија на мртва точка во борба против корупцијата, 84. од 182 држави

Македонија на мртва точка во борба против корупцијата, 84. од 182 држави

Индекс за перцепција – демократијата падна на тестот

442

Глобалниот Индекс на перцепција на корупцијата за минатата година покажува застој и влошување на перцепцијата на корупцијата во светот, со само мал број земји што напредуваат. Во тој контекст, Македонија останува под просекот, со слични резултати преку 8 години, што укажува на потребата од политички и институционален антикорупциски пристап за да се подобри не само перцепцијата туку и реалната борба против корупцијата

Најновите податоци на „Транспаренси интернешенал“  укажуваат дека борбата против корупцијата и демократското назадување денес се глобален, системски проблем, кој се шири како епидемија, зафаќајќи ги и слабите демократии, но и оние што со децении важеле за стабилни и отпорни. Падот на лидерството во борбата против корупцијата е заеднички именител на состојбата во која се наоѓаат западните демократии. Од некогашните 12 земји со резултат над 80 поени, денес остануваат само пет. Тоа значи дека дури и најразвиените покажуваат знаци на институционален замор, политичка калкулација и попуштање пред коруптивните интереси.

Во оваа глобална слика, веќе со години, со 40 поени на Индексот на перцепција на корупцијата, Македонија се движи во ист круг – без драматичен пад, но и без вистински напредок. Резултатот на земјава на Индексот за перцепција на корупцијата ја позиционира на 84. место од 182 држави.

„Ова значи дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата, туку има константа како почетна точка од која работите треба да тргнат на подобро. Формално сме позиционирани четири места подобро на ранг-листата од минатата година 84 позиција. Ова подобрување покажува дека минатата година во борбата против корупцијата ни одело подобро од 4 други држави“, вели претседателот на „Транспаренси“ за Македонија, Благоја Пандовски

Македонија со години се движи околу истата бројка, без суштински напредок, што ја сместува во групата земји со „замрзната транзиција“ – формално демократски, но суштински ранливи држави. Делбата на позицијата со земји како Бугарија и Унгарија не е случајна: тоа се држави во кои демократските механизми постојат, но се систематски ослабени преку политизација на институциите, селективна правда и ерозија на јавната доверба.

Скандалите во правосудството во земјава покажуваат дека постои хипокризија во системот кој треба да се бори против корупцијата, сметаат од невладината. Според Пандовски, заѕиданите пари во семејна куќа на судијата е само загребување на површината и тоа е добро, но мора да се копа подлабоко ако сакаме вистинско справување со корупцијата.

„Клучните системски проблеми и понатаму остануваат неуспешните и недовршени реформи во судството и во Обвинителството, кои не успеваат да обезбедат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнително, случувањата поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата сериозно ја наруши довербата на јавноста во институциите задолжени за борба против корупцијата“, забележува тој и укажува на потребата од новиот Закон за укажувачи, како и измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Регионот на Западен Балкан сè појасно ја отсликува  кризата. Според најновиот Индекс – Словенија ја држи најдобрата позиција во регионот и е над глобалниот просек. Романија и Хрватска се блиску до просекот, но сè уште со системски слабости. Македонија, Бугарија и Унгарија се во средина на дното, со 40 поени – симбол на стагнација и недовршени реформи. Најслаби се Србија и Босна и Херцеговина, каде што корупцијата е широко распространета, што го потврдува трендот на демократско слабеење во дел од регионот.

Недовршените реформи во судството и во обвинителството, политичките влијанија и скандалите што ги погодуваат токму институциите задолжени за борба против корупцијата, ја потврдуваат дијагнозата: системот не е дизајниран да се коригира сам, велат невладините експерти.

Алармантно е што корупцијата расте и во традиционално силни демократии како САД, Франција, Велика Британија и Шведска. Ова укажува на подлабок проблем: криза на демократското лидерство. Кога политичките елити избегнуваат реформи, ги релативизираат институционалните правила или ги користат антикорупциските политики како реторика,а корупцијата станува нормализирана појава, пишува во извештајот.

На врвот се повторно земји со традиционално ниска корупција, но годинава никоја не достигна 100 поени, што упатува на глобално влошување. Па така, Данска и понатаму е на врвот, но со 89 поени, потоа следува Финска (88), Сингапур е трета (84) и Нов Зеланд (81) е на четвртото место. Германија останува во врвната група со 77 поени и го задржува 10. место. На дното се држави со конфликти, ограничени слободи и слаби институции: Јужен Судан (8), Сомалија (9) и Венецуела (10 поени).

Индексот за перцепција на корупцијата за 2025 година испраќа јасна порака, а тоа е дека корупцијата не е само прашање на криминал, туку индикатор за здравјето на демократијата. Македонија останува во сива зона – ниту пропаѓа драматично ниту напредува значајно. Без решителни реформи, независни институции и силен јавен притисок, земјата ќе продолжи да биде дел од статистиката на глобалната епидемија на демократско слабеење – наместо пример за оздравување, велат од невладините експерти во борба против корупција. (П. А.)

Држава Позиција (од 182) Поени
Словенија 41 58
Грција 56 50
Хрватска 63 47
Црна Гора 65 46
Косово 76 43
Северна Македонија 84 40
Бугарија 84 40
Албанија 91 39
Босна и Херцеговина 109 35
Србија 116 33
Романија 66 46
Унгарија 84 40

Извор:ТИ

ИЗДВОЕНИ