Македонија утре повторно ќе седне на иста маса со лидерите на Европската Унија, но без гаранција дека од таа маса ќе стане поблиску до членството. Редовниот годишен Самит ЕУ – Западен Балкан, кој традиционално се одржува во пресрет на последниот Европски совет во годината, за македонските граѓани доаѓа како уште една европска станица на пат што трае веќе две децении. И покрај исполнетите обврски и формалниот кандидатски статус, земјата и натаму останува заглавена меѓу европските ветувања и билатералните блокади. Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, потврди дека ќе присуствува на самитот, порачувајќи дека Македонија ќе продолжи да инсистира на принципиелни европски критериуми, а не на услови што произлегуваат од историски и од идентитетски спорови. Додека Брисел зборува за проширување како геополитичка нужност, Македонија влегува на самитот со чувство на замор и скепса — како држава што формално е дел од процесот, но суштински е оставена во чекалната на ЕУ.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека очекува Советот на ЕУ да им посвети најмногу внимание на земјите кои според ЕК, предничат во процесот – Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, додека, во однос на Македонија, очекува да ја повикаат земјава да ги усвои уставните измени и да работи на владеењето на правото.

– Претстојниот состанок на Советот на ЕУ во фокус ќе ја има темата проширување и ќе биде и во знакот на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи во исто време во Брисел. Најмногу исчекување, секако, има во Црна Гора, која би требало по последните информации да затвори 5 поглавја во преговорите. Дополнително, ќе биде посветено внимание на другите 3 држави за кои Европската комисија смета дека предничат во процесот, односно Албанија, Украина и Молдавија. За нас очекуваме дека државата ќе се повика да ги усвои уставните измени, но и да се нагласи фокусот да се работи на областа ’основи’ со потенцирање на владеењето на правото, вели директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Иако европските лидери повторуваат дека проширувањето останува стратешки приоритет, македонскиот европски пат и понатаму е обременет со спорот со Бугарија. Недостигот од реален дијалог меѓу Скопје и Софија дополнително се продлабочува поради актуелната внатрешно-политичка нестабилност во Бугарија, каде што честите изборни циклуси и кревките влади оставаат мал простор за долгорочни и одговорни одлуки во надворешната политика.
Во таков контекст, македонската страна повторно се соочува со блокада надвор од Копенхашките критериуми, блокада поради историски и идентитетски прашања, кои, според официјално Скопје, не треба да бидат дел од преговарачката рамка. Од Владата порачуваат дека Македонија останува посветена на европските вредности, но нема да прифати нови услови кои би ги довеле во прашање националниот и јазичниот идентитет.
Дел од познавачите посочуваат дека блокадите како форма во ЕУ не се одржливи и не обезбедуваат предвидливост на интегративниот процес. Последната ситуација со блокадата на Црна Гора, која важи за најнапредна земја во преговорите, од страна на Франција, е уште една потврда за ранливоста на проширувањето на Унијата на билатерални интереси и внатрешно-политички калкулации на земјите членки, што го поткопува кредибилитетот на ЕУ и ја релативизира заслугата на реформите како клучен критериум за напредок.
Според очекувањата, лидерите утре ќе се фокусираат на најновите извештаи на ЕК за напредокот на земјите во процесот на проширување, при што Црна Гора и Албанија се сметаат за земји кои водат во трката за членство во ЕУ. Планот за пораст за Западен Балкан, кој во Брисел се оценува како една од најефикасните алатки за приближување на регионот кон ЕУ, исто така, се очекува да биде во центарот на вниманието.
Самитот, замислен како можност за усогласување на регионалните позиции и испраќање политички пораки за проширувањето, доаѓа во чувствителен момент за македонските евроинтеграции, кои веќе две децении се наоѓаат во состојба на стагнација.
Претстројниот самит, како и претстојниот состанок на Европскиот совет, се очекува да испратат охрабрувачки пораки за регионот, но без конкретни одлуки за деблокада на процесот. За македонските граѓани тоа значи уште еден самит со симболична тежина, но без гаранција дека долгогодишното чекање ќе добие јасен и предвидлив крај.
Самитот ЕУ – Западен Балкан е годишен состанок на високо ниво меѓу Европската Унија и шесте земји од регионот: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија. Тој служи како платформа за дијалог за проширувањето, регионалната стабилност и реформите, и вообичаено завршува со заедничка декларација.
Форматот започна во 2018 година во Софија, а оттогаш најчесто се одржува во Брисел, во пресрет на Европскиот совет. Единствен исклучок досега е самитот во декември 2022 година, одржан во Тирана — прв и засега единствен самит организиран во земја од Западен Балкан.
Во фокусот на овие средби редовно се европската перспектива на регионот, безбедноста, економската соработка и геополитичките предизвици, но без обврзувачки одлуки што би значеле брза интеграција за земјите кандидати.
(В. С. Н.)












